НАТО ја презеде од САД координацијата на западната воена помош за Украина, што укажува на подиректно учество на Алијансата во конфликтот, пренесува Ројтерс повикувајќи се на неименуван извор.
„НАТО ја презеде од САД координацијата на западната помош за Украина, како што беше претходно планирано… Овој потег, кој доаѓа по неколкумесечно одложување, му дава на НАТО подиректна улога во конфликтот“, наведува агенцијата.
Агенцијата наведува дека се верува дека овој потег има за цел „да го заштити механизмот за поддршка на Украина од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп“, кој го критикуваше обемот на финансиската и воената помош за Украина.
Сепак, западните дипломати веруваат дека трансферот на координацијата за помош на НАТО ќе има ограничен ефект, бидејќи Доналд Трамп сепак би можел да ја намали поддршката на Вашингтон за Киев, што би било сериозен удар за Украина, бидејќи САД се една од главните земји на НАТО и насочува најголем дел од помошта.
Седиштето на новата мисија на НАТО во Украина (НСАТУ) се наоѓа во американската база во германскиот град Визбаден.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој ќе ја преземе функцијата во јануари, изјави дека сака брз крај на конфликтот во Украина. Тој долго време ја критикуваше големата американска финансиска и воена помош за Украина.