Падот на дронот во Загреб откри огромен безбедносен проблем за НАТО. Според досега собраните податоци, дронот ТУ 141 прелетал низ воздушниот простор на две членки на НАТО алијансата, без да биде забележан, ниту пак биле алармирани безбедносните системи, пишува Јутарни лист.
Леталото се движело со брзина од 700 километри на час на надморска височина од 1300 метри и ниту еден систем за надзор на воздушниот простор не го забележал.
Во случајов се работи за невооружен дрон, но прашање е дали проектил или ракета ќе помине незабележано низ системот за контрола на воздушниот простор на НАТО?
Во момент кога членките на НАТО се во состојба на готовност поради војната во Украина, сосема е неверојатно да се случи таков пропуст. Хрватска на своја територија има неколку радари FPS 117. Еден од нив е на Сљеме, а другиот на Папук. Соговорниците на Јутарњи лист, упатени во оваа тематика, тврдат дека тие радари не се во можност да лоцираат вакво летало.
Хрватската страна стапила во контакт со украинската за да види дали има информации како леталото стигнало до Загреб.
“Се истражува дали се работи за грешка или леталот изгубило контрола. Леталото неколку минути ја надлетало Хрватска, а потоа паднало во Загреб. Добро е што нема повредени, што паднало на дел кој не е резиденцијален. Сите служби истражуваат и сите ќе направат напори што поскоро да ги утврдат причините за пристигнувањето, а потоа и падот на леталото“, изјави хрватскиот премиер од Париз, каде што се одржува неформалниот самит на ЕУ за Украина.
Хрватскиот министер за море, сообраќај и инфраструктура Олег Бутковиќ кажа дека леталото го забележало Хрватската контрола за воздушен сообраќај и дека 3,5 минути дронот бил видлив на радар, како доаѓа од насока на североисток. Кажа и дека таа контрола го следи цивилното воздухопловство, па го упатил на војската.
Пленковиќ: Леталото е руско производство, Влада: Пристигнало од правец на Унгарија