Натали Лоазо за “Ла Кроа”: Нема статус кво на Балканот

117

Се забележува разлика во Северна Македонија пред и по Договорот од Преспа. Консензусот е посилен од очекуваното. Опозицијата, која не беше воопшто наклонета кон овој договор, нема повторно да се навраќа на него. Сепак, поставувањето датуми однапред (за отворање на пристапните преговори со ЕУ) нема смисла, вели француската министерка за европски прашања 

Франција има намера повторно да се заложи за земјите од Западен Балкан, регион што стана “мртов агол на француската дипломатија”, изјави француската министерка за европски прашања Натали Лоазо за познатиот француски дневен весник “Ла Кроа”, по посетата на Северна Македонија и на Србија. Таа истакнува дека ниту еден француски министер ја немаше посетено земјава во последните четири години. Лоазо во интервјуто зборува за нејзините впечатоци по посетата на двете земји минатата недела. Вели дека ЕУ не се заложила доволно за зачувување на мирот на Балканот, што треба да биде еден од приоритетите на Унијата.

Ла Кроа: Дијалогот меѓу Србија и Косово е во застој. Дали е ова неуспех на Европската унија?

НЛ: Јас само што ја посетив Србија и Северна Македонија. Европската унија можеби не се заложи доволно во начинот како да се зачува мирот на Балканот. Ова треба да биде еден од нашите приоритети. Кога двете страни ќе останат сами, преговорите се замрзнати. Одлуката на Косово да наметне зголемување на даноците од 100% за српските производи е катастрофална за преговорите.

Ќе се послужам со зборовите на еден од моите македонски соговорници кој рече дека на Балканот „нема статус кво”: работите се одвиваат или во вистинска насока или во погрешна насока. Постои вистинско очекување дека Европската унија ќе биде поактивна во тие земји.

Шефовите на држави разговараа меѓу себе, но тоа веројатно не е доволно. Можеби ќе биде неопходно да се разгледа еден поинтензивен инклузивен процес кој ќе ги интегрира различните политички актери.

Натали Лоазо, министер за европски прашања на Франција

Ла Кроа: Се споменува размена на територии меѓу Белград и Приштина – северно Косово е главно со српско население наспроти претежно албанската Прешевска долина во Србија. Дали го споделувате стравот дека на овој начин ќе продолжи етничкото чистење од периодот на војната?

НЛ: Не може земји од надвор да одлучуваат за условите за решавање на спорот. Ние не утврдуваме црвена линија наместо засегнатите страни. Да се држи отворена „раната” на Косово, не е решение. Балканските земји треба да ги решат своите разлики. Ако се покаже дека постои решение што е прифатливо за Белград и Приштина и дека е веројатно оти така ќе се унапреди мирот, тогаш кои сме ние да кажеме дека тоа не е мирот што го посакуваме? Но, потребно е да се гарантира и стабилноста на регионот, особено задржувањето на интегритетот на Босна и Херцеговина.
Од друга страна, прашањето за спорот со Косово не треба да го замагли главниот предизвик за неопходен напредок во владеењето на правото во Србија.

Ла Кроа: Во Босна и Херцеговина, жителите се чувствуваат онеправдени. Тие се гледаат себеси како најголема жртва на војните по распадот на Југославија, но најверојатно ќе бидат последни што ќе се приклучат кон Европската унија…

НЛ: Не треба да го менуваме предлогот. Интеграцијата во ЕУ не е направена за да се решаваат споровите наместо тоа да го направат засегнатите страни. Потребна беше голема политичка храброст за Франција и Германија да се придвижат кон помирување и да придонесат за изградбата на Европа. Не верувам дека процесот на интеграција на поранешна Југославија требаше да се случи во еден блок. Напротив, состојбата на секоја земја треба да се оценува според нејзиниот напредок и потенцијал.

Покрај тоа, додека 27-те имаат различни ставови за проширувањето, сите се залагаат за зголемување на помошта и партнерството со земјите од Западен Балкан. Имаме многу заеднички интереси и заеднички проекти, без разлика дали станува збор за програмата Еразмус + или за борбата против трговијата со оружје од мал калибар.

Ла Кроа: Северна Македонија конечно го реши својот историски спор околу името со Грција. Таа повика на отворање на пристапните преговори. Не би ли било ризично да се разочара во своите очекувања?

НЛ: Се забележува разлика во земјата пред и по Договорот од Преспа, а забележлива е и големата гордост што земјата ги решила сите спорови за да живее во мир со своите соседи. Концензусот е посилен од очекуваното. Опозицијата, која не беше воопшто наклонета кон овој договор, нема повторно да се навраќа на него. Земјата сега сака да направи напредок во реформите и бара да бидат охрабрени со отворање на пристапните преговори. Сепак, поставувањето датуми однапред нема смисла. Македонските власти го знаат тоа и велат: време е да останеме будни. Досега сите нивни напори беа насочени кон Договорот од Преспа. Всушност, отсега започнува реформскиот процес.

Ла Кроа: Каква улога има Франција на Балканот?

НЛ: Франција, која беше многу активна за време на конфликтот и пост-конфликтниот период, подоцна се оддалечи од Балканот. Бевме изненадени од констатацијата во 2017 година дека регионот станал еден вид мртов агол на француската дипломатија. Мојата посета беше првата министерска посета на Северна Македонија по период од четири години. Имаме волја повторно да се заложиме за Балканот. А постои и наклонетост кон присуството на Франција во тој регион. Претседателот Макрон оваа година ќе ја посети Србија. Македонскиот премиер Зоран Заев ќе дојде во посета на Франција оваа година. Потпишавме договор за влегување во Белград на Француската агенција за развој, којашто има вокација да дејствува во целиот регион. Но, најнапред ќе треба Србија да излезе од сивата листа на Оперативната група за финансиски акции – ФАТФ.