Какво алтернативно гориво се користи при согорувањето во печките на скопската цементарница, ќе побара Народниот правобранител да се испита од надлежните институции. Ова го најави заменикот Народен правобранител Јован Андоновски кој на својот фејсбук-профил напиша дека ја известува јавноста оти „Народниот правобранител ќе отвори постапка по сопствена иницијатива заради инертноста на надлежните институции“. Тој веста ја проследи со фотографии кој ги добил од дворот на цементарницата „Усје“, а на кои се гледаат купишта отпад.

Андоновски вели дека надлежните инспектори треба да направат увид што се гори во цементарницата.

Од Државен инспекторат за животна средина пред два дена излегоа со информација дека алтернативните горива што се користат за согорување се одобрени и дозволени и дека станува збор за отпад што потекнува исклучиво од домашни правни субјекти и се состои од отпадна оризова арпа, отпадни делови од текстил, отпадни делови од пластика, етикети.

– Една од двете печки (бр.4) на ден 14.01-сабота (писмено известување до ДИЖС) престана со редовна работа, истата ќе биде во ремонт околу 45 денови, по што ќе се врши ремонт околу 45 денови на печката бр.3. Во моментот единствено печка бр.4 има техничко решение и можност да користи алтернативно гориво – објаснуваат од ДИЖС.

Оттаму велат дека цементарница Усје А-Дозволата за усогласување со оперативен план ја поседуваше од 2011 година, измена на А-ДУОП беше направена во 2013 година, а А-Интегрираната еколошка дозвола ја поседува од 2020 година.

– Дозволите ги издава МЖСПП и сите А-ИЕД се достапни за јавноста на Веб страната на МЖСПП. Согласно Дозволата, операторот (слика подолу извадок од дозволата, Додаток 3 може да користи исклучиво неопасен отпад во согласност со Правилникот-Листа на видови отпад кој не е обележан со ѕвездичка, со ѕвездичка се обележува опасен отпад) има право да користи алтернативно гориво преку посебна постројка-систем за подготовка, внатрешен транспорт и дозирање на алтернативни горива кој е исто така опишан во Дозволата. Алтернативното гориво кое се користеше во текот на 2022 година од страна на операторот изнесуваше 4 -6 проценти од вкупниот енергенс од одобрени 25-35  проценти во согласност со Дозволата. Операторот согласно Дозволата до 31 март како и сите носители на А-ИЕД доставува Годишен извештај за животна средина до МЖСПП во кој детално е опишано постапувањето согласно дозволата за претходната година – објаснуваат од ДИЖС.

Од Инспекторатот потенцираат дека алтернативното гориво кое се користи не потекнува од увоз, затоа што е законски забранет согласно Законот за управување со отпадот) и истото потекнува исклучиво од домашни правни субјекти и се состои од отпадна оризова арпа, отпадни делови од текстил, отпадни делови од пластика, етикети.

За Андоновски ваквото објаснување на Инспекторатот е недоволно.

Поради еден котел кој работел на мазут и во воздухот се испуштале двојно повеќе загадувачки азотни оксиди од дозволените гранични вредности, на скопската цементарница „Усје“ и се заканува казна од 180 до 200 илјади евра. Од ДИЖС побараа од Усје веднаш да го промени горивото (од мазут на природен гас) што веднаш беше направено, но тоа не ја исклучува паричната казна која треба да ја плати фабриката поради загадувањето што било направено на амбиенталниот воздух. На 7 февруари ќе се спроведе спогодување за висината на казната.

Скопската цементарница откако преминаа на греење на гас, во тек се мерења на двата котела што ги користат за загревање и се прават мерења на сите емисиони точки. Оттаму потенцираа дека сите активности во „Усје“ се одвиваат под независен 24-часовен мониторинг систем од германскиот производител СИЦК, кој е калибриран и контролиран од овластени независни надворешни компании.

– Нашата компанија веднаш ги имплементираше мерките што ги наложи ДИЖС, но останува фактот дека многу институции и приватни субјекти во Скопје користат мазут, а досега не сме информирани дека кај нив е направена контрола, ниту пак знаеме каков е ефектот од нивното работење врз околината. За жал, целата ситуација беше искористена во политички цели и бевме обвинети за состојби, кои се целосно невистинити и не се поврзани со нашето работење – истакнаа од Цементарница „Усје“.

(С.Бл.)