Народната банка придонесе за едноцифрена инфлација, девизните резерви зголемени за 40 отсто

121

– Во услови на глобална неизвесност, монетарната политика придонесува, со своите мерки, за одржување на стабилноста на макроекономското окружување во земјава – беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Ангела Агелер, при што беше нагласена големата доверба на јавноста кон Народната банка, дури и во периодот на кризи и премрежиња

Народната банка има витална улога во одржувањето на макроекономската стабилност, особено преку напорите за справување со последователните кризи, изминативе четири години. Професионалноста, стручноста и посветеноста се секогаш на највисоко ниво кога станува збор за Народната банка. Ова беше посочено на средбата меѓу гувернерката Ангеловска-Бежоска и амбасадорката Агелер.

На состанокот беше нагласена важноста на силните и кредибилни институции, особено во кризни времиња, кога треба да се носат мерки за поддршка на економијата.

– Со помош на политиките што ги презема централната банка, инфлацијата се сведе на едноцифрена стапка, додека девизните резерви се зголемија за 40 % во однос на преткризниот период. Банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран и обезбедува поддршка за граѓаните и за фирмите – забележа Ангеловска-Бежоска.

Една од темите што беа разгледани на состанокот беше сегашната монетарна политика, која иако е соодветно поставена, сепак, неопходно е внимателно следење на инфлациските движења и натамошна претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска изрази благодарност за поддршката што ја добива Македонија од Соединетите Американски Држави во подобрувањето на капацитетите и во зацврстувањето на улогата на институциите на државата. Гувернерката и амбасадорката ги разгледаа начините за натамошно зајакнување на соработката и партнерството заради обезбедување одржлив и инклузивен раст за нашата држава.