Направиле остров за да го избегнат законот за забрана на пиење алкохол

95


Група Новозеланѓани од местото Таируа направиле нешто интересно, си направиле свој остров за да го избегнат законот кој забранува консумирање алкохол.
Деновиве на плажата Вангамата во близина на градот Таируа каде што се собираат туристи и граѓани за прославување на Нова година е направен нов остров. Инаку, на оваа плажа е прогласена забрана за консумирање алкохол за да се спречат проблеми и инциденти на плажата.
Како што пренесува stuff.co.nz група луѓе поминала цела седмица градејќи остров од песок, дрва и морски школки.


Нивниот план бил да направат место (остров) каде што технички нема да бидат на плажата каде што е забранет алкохол, а од каде, истовремено, ќе можат да го видат новогодишниот огномет и добро да се забавуваат, а исто така и полицајците да не можат да ги уапсат и да им наплатат казна.
Инаку, казните за консумирање алкохол на плажите на Нов Зеланд се движат од околу 180 американски долари (250 новозеландски) до 250 долари или моментен притвор – апсење.
„Мислевме дека ќе биде смешно и забавно и не сакавме оваа забрана да влијае на нашето забавување“, изјавил Леон Хејвард кој учествувал во изградбата на островот во близина на плажата Вангамата.
Градоначалничката Сандра Гуди изјави за медиумите дека не можела да бунтува против оваа постапка и дека е импресионирана од нивната интересна идеја.


„Сите добро се забавуваа и се насмеаја кога го видоа тој мал остров, никому не му пречеше“, рече таа додавајќи дека островот не се наоѓал во меѓународни води, иако го тврделе тоа.
Шефот на полицијата изјавил дека не го видел островот, ама дека чул дека не се распаднал уште два дена по Нова година и дека бил толку одушевен што би им се придружил да дознаел на време за тој остров без забрана за консумирање алкохол.