Напалениот Јунајтед го пречекува ослабениот ПСЖ

74

Фудбалската понуда утре ќе биде осетно збогатена затоа што се на програма првите два натпревара од 1/8 финалната рунда во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Очите на спортската јавност ќе бидат насочени кон “Олд Трафорд”, каде екстра мотивираниот тим на Манчестер Јунајтед ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен во дуелот против фаворизираниот тим на ПСЖ. За разлика од пред неколку недели, кога “црвените ѓаволи” беа предмет на исмејување, сега под водство на Оле Гунар Солскер, Јунајтед важи за тим кој има реални шанси за пласман во следната фаза. Освен одличната форма на противникот, проблем плус за ПСЖ ќе биде неиграњето на најголемата ѕвезда, Неимар, а под знак прашалник е и настапот на Единсон Кавани.

  • Кога заврши ждрепката, ПСЖ беше дефиниран како апсолутен фаворит. Се додека не стартува натпреварот, не може Манчестер да биде дефиниран како апсолутен аутсајдер. Во овој момент, сите ние сме убедени дека можеме да го елиминирам ПСЖ. Очекувам прекрасна ноќ под рефлекторите. Сигурно ќе имаме пеколна подршка од нашите фанови, а тоа ќе биде ново искуство и за противникот кој има играно во Англија, но не и на “Олд Трафорд”, изјави Солскер.

Голема борба и неизвесност до последниот судиски свиреж се очекува и на “Олимпико”, каде италијанскиот калчолигаш Рома ќе го нагости секогаш незгодниот тим на Порто. И двата тима немаат некој поголем проблем кога е во прашање играчкиот кадар, но според фудбалските стручњаци, дефанзивата треба да биде главното оружје на “волчицата”.

  • Играме против тим кој освои најмногу бодови во групната фаза од ЛШ и тим кој е лидер во националниот шампионат. Ја знам статистиката од претходните меѓусебни дуели, која не е на наша страна. Сега сакаме да ја поправиме таа слика, сакаме да оствариме позитивен резултат, изјави предводникот на Рома, Еузебио ди Франческо.