Неколку лица се повредени откако непознато лице отворило оган врз патници во трамвај во холандскиот град Утрехт. Нападот се случил во понеделиникот утрото на периферијата на градот, во близина на болницата Оуденријн, а полицијата ги блокираше улиците околу местото на инцидентот.
Портпарол на полицијата изјави дека нападот се случил во или во близина на трамвајот на Скверот 24 октомври, кој беше веднаш затворен, а над местото на инцидентот кружат хеликоптери.
Портпаролот на холандската полиција Јост Ланшаге изјави и дека оружениот напад во трамвајот можеби имал терористички мотив. Тој истакна дека полицијата ја разгледува можноста дека станува збор за терористички напад.
Според весникот „Индепендент“ во нападот има најмалку едно загинато лице, а напаѓачот е во бегство. Медиумите објавуваат дека можно е во нападот да учествувале повеќе лица.