Намибија планира да убие 723 диви животни, вклучувајќи 83 слона, и тоа месо да им го подели на луѓето што се борат да се прехранат, поради големите суши во јужна Африка.
Отстрелот ќе се изврши во парковите и во областите во кои властите веруваат дека бројот на животни ги надминува расположливите пасишта и резерви со вода, се наведува во соопштението објавено во понеделникот, наведува „Ројтерс“.
Јужна Африка се соочува со најголемата суша во последните неколку децении, при што Намибија минатиот месец исцрпила 84 отсто од своите резерви на храна, според извештајот на ОН.
Се очекува речиси половина од населението на Намибија да биде погодено со ова во наредните месеци.
Со толку голема суша, се очекува судирите меѓу луѓето и дивите животни да се зголемува ако не интервернираат властите, соопшти Министерството за животна средина.
– За таа цел, ќе бидат убиени 83 слона од идентификуваните конфликтни подрачја и нивното месо ќе ѝ биде доделено на програмата за ублажување на сушите – се наведува во соопштението.
Властите, исто така, планираат да убијат 30 нилски коњи и 60 биволи, како и 50 импали, 100 гнуа, 300 зебри и 100 елади.
Професионалните ловци и компаниите што ги договори Владата веќе уловиле 157 животни, со што биле обезбедени 56.800 килограми месо.
– Ова е неопходно во согласност со нашиот уставен мандат, каде што нашите природни ресурси се користат за добросостојба на граѓаните на Намибија – соопшти Министерството за животна средина на земјата.