Независниот академски синдикат (НАкС) не се согласува со начинот на кој ќе се пресметуваат платите во јавниот сектор. Според нив, во Предлог-законот е предвидена максимална надлежност на државните органи во регулирањето на оваа материја. Синдикатот УПОЗ веќе реагираше дека не се согласува со  ограничувањето на висината на платите во јавниот сектор

 

По реакциите на  Синдикатот на работниците во Управата – УПОЗ, околу ограничување на висината на платите во јавниот сектор и Независниот академски синдикат (НАкС),  не се согласува со начинот на којшто ќе се пресметуваат платите во јавниот сектор. Според нив, во Предлог-законот е предвидена максимална надлежност на државните органи во регулирањето на оваа материја. Според нив Владата се обидува „низ мала врата да протне законско решение“ за платите на сите вработени во јавниот сектор. НАкС  соопшти дека се согласува со потребата  од донесување системски и кохерентен закон со кој би се дефинирала методологијата и постапката за формирање на платите, но дека законот треба да се донесе  „низ суштински и исцрпен дијалог со сите засегнати страни“.

НАкС бара од Владата да го одложи датумот за коментирање на Предлог-законот за системот на плати во јавниот сектор, односно да ја стопира постапката за донесување на овој закон, бара наместо виртуелна, да има реална јавна дебата во која ќе ги покани синдикатите проактивно да учествуваат во процесот, а поради постоење на, како што посочува, „правни сомнежи за неуставност на одредени одредби“, бара да се побара мислење од експерти кои јавно ќе се изјаснат за овој предлог.

Според НАкС, во предложениот текст на законот за системот на плати во јавниот сектор „демнат повеќе опасности“ затоа што „делумно регулирајќи ја материјата, предлог-законот остава таа да биде дорегулирана со прописи донесени врз основа на закон и подзаконски акти што се коси со идејата за системско решение“.

Ваквиот пристап, посочува Синдикатот, е спротивен на чл. 32 од Уставот на РСМ, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

– Се воведуваат нови, а недефинирани елементи во методологијата за пресметка на плати за кои не е уредена постапка за примена преку објективни и правични критериуми. Недефинираноста на елементите и паушалноста на критериумите би можеле да бидат искористени како алатка за намалување на платата на вработените и нивно непринципиелно казнување. Се воведуваат механизми за намалување на веќе утврдената плата, додатоци и надоместоци, што вработените во јавниот сектор би можело да ги доведе во положба на правна несигурност. Се доведуваат под знак прашање одамна изборените работнички права како што се полна плата за време на годишен одмор и стручно усовршување, исплата на утврдени надоместоци за службени патувања и сл., наведува НАкС.