Последните неколку години дивите свињи во кичевско-бродскиот регион направија големи штети на житните и градинарските култури, на компирите, а речиси не им оставија ништо ниту од паднатите костени на жителите од Порече.
-Бројноста во природата и гладта ги присилија дивите свињи се повеќе да влегуваат во селата, барајќи храна. Бидејќи летните култури се уште не се засадени, тие сега ги собираат желадите од есеноска. Истовремено и копаат во земјата, бараат подземни плодови, вели Наќе Николовски од Кичевско.
Поради забрзаниот раст на бројот на дивите свињи, тие се се поблиску до населените места, а потребата за храна ги прави бестрашни, иако е познато дека се плашливи животни. Дури ни зголемениот отстрел во текот на ловната сезона не ја намали нивната бројност, велат кичевски ловџии. Тие преупредуваат дека вистинските штети од дивите свињи допрва доаѓаат, кога есенските и пролетните култури ќе бидат созреани за берба.
Жител од селото Лисичани потсетува дека ланското лето на неговите површини дивите свињи направиле големи штети и целосно уништиле дури 70 проценти од компирите или околу три тони.
Ловџиите предупредуваат на последиците од наезда на дивите свињи во претстојниот период.
– Дивите свињи вистинските штети ги прават во периодот откако ќе почне созревањето на житните култури, пченица, рж и пченка и градинарските култури или од втората половина на јули се до собирањето на летината во септември и октомври. Како ќе созреваат овие култури, така дивите свињи ќе бидат се поприсутни на овие ниви и ќе предизвикаат поголеми материјални штети, истакнува ловџијата Даме Петрески.