Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека започна процесот на доделување потврди-ваучери за купување и вградување на високоефикасни инвертер клима-уреди. Овие ваучери се наменети за домаќинствата кои ги исполнуваат критериумите на јавниот повик, објавен на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024 година.
Согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2024 година, се доделуваат над 6000 ваучери за инвертер клима-уреди. Списоците на избрани корисници, како и списоците на правни субјекти со кои Министерството има склучено договор за реализација на ваучерите, се објавени на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини https://www.ea.gov.mk/. Овие информации се јавни и достапни за сите заинтересирани.
„По објавата на списоците, започнавме со дистрибуција на ваучерите до општините. Подигнувањето на ваучерите ќе се врши во специјални регионални канцеларии, отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе биде дополнително објавено на веб-страницата на Министерството“, се наведува во соопштението.
Граѓаните можат да ги искористат ваучерите за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември 2024 година. По овој датум, неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки.
Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари.