Над 3,5 милиони денари инвестирани во градинката „Весели цветови“

31

Во објектите на детската градинка „Весели цветови“ во општина Кисела Вода се инвестирани повеќе од 3.5 милиони денари во енергетско-ефикасни прозорци, постелини, совремeна кујнска опрема, дидактички материјали и играчки.

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски при денешната посета на објектот „Сончоглед“ истакна дека инвестирањето во унапредувањето на условите за децата и поттикнувањето на нивниот когнитивен развој се стратегија која Општината ја има зацртано и која во континуитет ќе се реализира и во периодот што следува.

-Инвестициите во раниот детски развој, кои овозможуваат поттикување на интелектуалните способности, кои го стимулираат логичкото мислење и ја подобруваат моториката се неопходност која е влог во интелектуалниот, општествениот и емоционалниот напредок на децата. Оттука, Општина Кисела Вода, и јас како нејзин градоначалник, продолжува со уште поголем интензитет да работи на унапредување на условите за децата од предучилишна возраст – нагласи Ѓорѓиевски. 

Тој информира дека објектите на ЈДГ „Весели цветови“ се опремени со играчки и дидактички материјали. Додаде дека се обезбедени нови постелини и кујнска опрема, како и инфраструктурни подобрувања,  секаде каде има потреба.

-Објектот „Сончоглед“ добива и нови енергетско-ефикасни прозорци, а вакви зафати, кои на директен начин влијаат на подобрување на квалитетот на предучилишното воспитание и образование, се планирани и во другите градинки на територија на Општина Кисела Вода. Јавниот систем на воспитување и едукација треба да се гради на високи стандарди, нешто што предучилишните институции кои се под надлежност на општина Кисела Вода секако ќе им го  овозможат на нашите најмлади жители – изјави Ѓорѓиевски.