Надвозник, подвозник или кружен тек ќе го реши проблемот со гужвите на раскрсницата кај ТЦ “Мавровка”. Од Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје, велат дека низ оваа раскрсница дневно поминуваат по 20 илјади возила или во просек по околу 1.700 возила секој час. Но, оваа бројка кога се шпицевите е многу поголема. Тоа предизвикува нервоза кај возачите, а и го загадува воздухот поради работењето на моторите на возилата на кои им треба подолго време да ја поминат раскрсницата
Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов смета дека денивелирана раскрсница ќе го забрза сообраќајот што доаѓа по булеварите „Крсте Петков Мисирков“ и „Гоце Делчев“ и дека веќе има изработено студија. Сообраќајните експерти сметаат дека раскрсница на две нивоа е скап зафат кој ќе трае подолго време и сообраќајот ќе треба да се пренасочи по другите и така оптоварени улици. Некои сметаат дека оптимално решение би можело да биде голем кружен тек
Надвозник, подвозник или кружен тек ќе го реши проблемот со гужвите на раскрсницата кај ТЦ “Мавровка”.
Од Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје, велат дека низ оваа раскрсница дневно поминуваат по 20 илјади возила или во просек по околу 1.700 возила секој час. Но, оваа бројка кога се шпицевите е многу поголема. Тоа предизвикува нервоза кај возачите, а и го загадува воздухот поради работењето на моторите на возилата на кои им треба подолго време да ја поминат раскрсницата.
Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов смета дека денивелирана раскрсница ќе го забрза сообраќајот што доаѓа по булеварите „Крсте Петков Мисирков“ и „Гоце Делчев“ и дека веќе има изработено студија.
– За да се зголеми протокот на раскрсницата треба да се направи денивелација на сообраќајните ленти коишто се вкрстуваат, а пешаците и велосипедистите ќе се одвојат на посебни и безбедни коридори, кои ќе им овозможат побрз премин над раскрсницата – вели Шилегов.
Сообраќајните експерти со различни мислења за предлогот на Шилегов. Миле Бошковиќ од Секторот за сообраќај во Град Скопје вели дека има доволно простор и можности да се реализира решение со денивелирана раскрсница.
– Јас директно не сум инволвиран во овој проект, туку за воспоставување на времен сообраќаен режим и според Студијата што ја работеа колегите, имаше доволно простор. Се јави проблем со подземната инфраструктура, поточно со една цевка – вели Бошковиќ.
Тој додава дека се работи за најфреквентната крстосница во Скопје и дека ќе биде тешка нејзината реализација, посебно во делот на пренасочување на сообраќајот.
– Бев ангажиран при воспоставувањето на времениот режим на сообраќај кога се правеше плоштадот „Скендер бег“. Беше многу тешко, а сè се одвиваше во услови на сообраќај. Одеше многу тешко. Сметам дека така ќе биде и при реализација на овој проект. Пренасочувањето на сообраќајот во случајов би се одвивало по околната сообраќајна мрежа која и така е оптоварена со сообраќај. Така што сметам дека ќе биде тешко, бидејќи се работи за поголем зафат кој ќе трае подолго време – смета Бошковиќ и додава дека за тоа ќе биде потребно сè добро да се испланира.
Раководителот на Секторот за сообраќај во Град Скопје, Зоран Дамјановски вели дека сè е подготвено за реализација на овој проект, но оти треба да се обезбедат финансии.
– Веќе е изработена Студија за овој проект и оваа раскрсница на две нивоа е предвидена и со Детален урбанисти план на Општина Центар. Простор има за реализација, но се потребни финансии бидејќи се работи за малку поскап проект –тврди Дамјановски.
Тој објасни дека проектот ќе се реализира фазно и нема да има проблем со пренасочувањето на сообраќајот, бидејќи нема да се затвори целата крстосница при одвивањето на градежните активности.
– Изведувачот ќе достави проект за изградба врз основа на кој понатаму ќе се решава и ќе се планира сè. Предвреме не би можел ништо да кажам – истакна Дамјановски.
Никола Крстаноски, професор на отсекот Сообраќај при Техничкиот факултет во Битола смета дека реализирањето на оваа замисла би одело тешко.
– Сепак, не би можел однапред да шпекулирам дали би било подобро остварливо раскрсница на две нивоа или кружен тек. Треба прво да имам податоци за бројот на возила кои таму минуваат и врз основа на тоа да се види кое е оптималното решение – истакна Крстаноски.
Тој додава дека доколку излезе дека раскрсницата на две нивоа е оптимално решение, сепак би имало проблеми со подземната инсталација на која треба да се внимава.
– Тоа би бил голем градежен зафат и би бил скап. Според мене би можеле да бидат во игра две варијанти. Едната улица да биде поткрената, додека другата да биде на ниво на теренот, или пак, едната улица да биде одоздола под нивото, а другата над нивото на теренот – објаснува Крстаноски.
Според податоците на Центарот за управување и контрола на сообраќајот поголема фреквенција на возила има на раскрсниците и сообраќајниците во централното градско подрачје.
– Најголем број возила во текот на денот поминуваат на раскрсницата помеѓу булеварите „Крсте Мисирков“ и „Гоце Делчев“, во близина на ТЦ Мавровка и тоа во просек по денови, во текот на 24 часа во двата правци и кон мостот Гоце Делчев и обратно кон улицата „Беласица“ кај поранешен Скопски саем се движат околу дваесет илјади возила – констатираат од ЦУКС.
Оттаму појаснуваат дека фреквентноста на возилата и густината на сообраќајот не зависи единствено од периодот во текот на денот, туку и од периодот во годината, па така бројот на возила е различен во лето и на зима, а метежот се разликува и од приликите во моментот (протести, атмосферски промени, градежни активности, сообраќајна незгода и друго).
Од ЦУКС велат дека поголем број возила евидентираат единствено во неколку термини во текот на денот и тоа во 8 часот наутро, во 15 часот и во период од 16 до 17 часот попладне кога повеќето од граѓаните на Скопје ги напуштаат своите работни организации и се упатуваат кон посакуваните дестинации.
– Фреквенцијата на возила не е секогаш иста и таа зависи дали станува збор за работен ден од седмицата или, пак, за ден од викендот, како и од периодот во годината, дали станува збор за летен или зимски период – велат од ЦУКС.
(А.П.)