Надвиснатата 20-тонска карпа на Матка, за која од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во јануари годинава предупредуваа на опасноста дека може да падне од висина од 20 метри и да предизвика штета на браната на ХЕЦ „Матка“ и не била така опасна. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вчера изјави дека се преземаат сериозни мерки да не дојде до тоа, иако постои опасност карпата да падне само во случај на земјотрес.
– Таа карпа, сепак, не претставува таква опасност. Треба да има некаков земјотрес која би ја изместил карпата. Таа не може тукутака да падне, но не може никој да гарантира дека нема да падне. Граѓаните не треба во овој момент да бидат вознемирени. Оваа карпа е ваква со децении, но ние од ЦУК откако бевме алармирани, не оставаме ништо на случајот, и ги презедовме сите потребни мерки. И пред 10, но и пред 15 години било алармирано за состојбата со карпата но ништо не било преземено – истакна Ангелов.
Тој истакна дека на карпата во Матка се работи сериозно од страна на ЕВН Електрани.
– По нивно барање, Градежниот факултет изработи основна програма врз основа на која ќе се прави посебен елаборат врз основа на кој ќе се направат одредени дејствија, но за тоа јавноста ќе ја информирам на прес-конференција – рече Ангелов.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), уште пред два месеца, ги задолжи ЕВН Хидроелектрани – Матка веднаш да извршат јасно одбележување за забрана на движење по точно определени координати на просторот кај ризичната карпа на Матка и за тоа да го известат Центарот за управување со кризи и со фотографии од одбележаните места каде што би можело да дојде до одрон на карпестата маса во зоната на акумулацијата.
Задолжувањето предвидува поставување такви белези во зона на 50 метри лево и десно од трасата за можно движење на карпестиот масив, како и во долниот дел од акумулацијата, на 50 до 100 метри одбележан појас на можно очекуван пад на карпестиот масив според теренските услови.
– Изработени се знаци кои во секој момент треба да се постават. Исто така, ќе се оптегне една сајла после ѕидот на браната со што ќе им се забрани на пловила, на чамци да се приближуваат до местото каде што завршува потенцијалниот пад на карпата, односно замислената траекторија на движење на карпата, иако е тешко да се прогнозира – нагласи Ангелов.
Тој потенцираше дека во најбрз рок карпата ќе биде или фиксирана или контролирано урната, но изненадувањето е во тоа што не е само една карпа, туку се работи за две карпи, од кои втората е уште поголема.
(С.Бл.)