Поранешниот светски тениски рекет број еден, Шпанецот Рафаел Надал, веќе неколку години не игра на препознатливо ниво, бидејќи има големи проблеми со повредите. Токму ова е најголемата причина за многумина тениски фанови веќе го гледаат како си ги живее пензионерските денови.

Навивачите стравуваат дека е прашање на денови кога Рафа ќе се повлече од тенисот, сепак, 38-годишниот ас сè уште не планира да се пензионира, па најави враќање на теренот.

Ова го откри Давид Ферер, селекторот на шпанската Дејвис куп репрезентација, кој изјави дека Надал ќе биде дел од националниот тим на финалето на Дејвис купот.

„Кога беше објавена ждрепката, му испратив порака и му реков да се подготви за мечот против Ван де Зандшулп. Неговиот одговор беше јасен: „Ќе бидам подготвен“, изјави Ферер и го најави доаѓањето на Надал.

Шпанија во четвртфиналето игра против Холандија, а целта на „црвената фурија“ е да го освојат Дејвис купот за првпат по 2019 година кога во тимот беше и Надал.