Годините го стигнаа, а повредите го измачуваат телото на 20. грен слем шампион. Шпнецот Рафаел Надал, поради повреда пропушти половина година, а прашање е дали ќе успее да ја започне следната сезона на вистински начин.
Тој на егзибициониот турнир во Абу Даби забележа два порази од Енди Мареј и Денис Шаповалов и покажа дека проблемите се уште постојат. Затоа, неизвесно е дали Шпанецот кој во кариерата освои 20 грен слем титули (колку Ѓоковиќ и Федерер) ќе може да настапи на Австралија Опен. Засега – тоа не е сигурно! Пред да одлучи, Рафа ќе има разговори со членовите на неговиот тим.
–Морам да разговарам со мојот тим и да донесам одлука. Не можам да гарантирам 100 % учество на Австралија опен. Мојот план е да одам таму, но морам да видам како ќе се чувствува телото овие денови, изјави Надал.
Што се однесува до Надал, таа нема да брза да се одлучи за учество на првиот грен слем сезонава.
–Имам време да ја донесам оваа одлука, наскоро, заклучи Шпанецот.
Надал по неколкумесечна пауза се врати на Мубадала опен во Абу Даби, но на тој турнир не блесна. Свесен е дека мора да направи многу подобро ако сака да игра против најдобрите.
–Воопшто не сум 100 %, не успеав да покажам дека можам да се натпреварувам со добри играчи. Имам многу да напредувам. Ми треба време. По Ролан Гарос тоа беше катастрофа за мене, повреда на ногата не ми дозволи да тренирам како што треба. Поминаа шест месеци од мојот последен официјален натпревар и треба да бидам здрав за да можам да ги правам работите што ги сакам, заклучи Шпанецот.
Австралија опен годинава ќе се игра од 17 до 30 јануари, а мерките поради корона вирусот ќе бидат крајно строги. Затоа се уште не се знае дали ќе игра Новак Ѓоковиќ кој се пријави на турнирот.