Награди на 12. “Кустендорф“: Златно јајце за швајцарскиот “Полн пансион“ 

72

Швајцарскиот филм „Полн пансион“ (All Inclusive), на режисерката Корина Швингрубер- Илиќ е најдобар филм и добитник на наградата “Златно јајце“ на годинашниот 12. Меѓународен филмско-музички фестивал „Кустендорф“, што од 11 до 16 јануари се одржа во Дрвенград/Меќавник.

Овој краток документарен филм, прикажувајќи ја масовната забава на крстарења на отворено море, ја отсликува апсурдноста на нашето потрошувачко општество: од тренингот на палубата, преку танцувањето во рестораните, фотографирањето со капетанот или натпреварите за убавина за млади и стари.

Во конкуренција на 21 филм, втората награда – Сребреното јајце, пак, отиде кај Огњен Петковиќ за филмот „Есенски валцер“ (копродукција на Србија и САД), а Бронзеното јајце за Микел Сторм Гломстејн и норвешкиот „Сортирање“. Специјални признанија добија Саша Карановиќ за „Костакурта (Бајка за Сатанкрајина)“ од БиХ и Иларио ди Карло за „Божествен пат“ од Германија. Специјални награди им беа доделени на Серџо Лопез и Славко Штимац. Специјален гостин беше актерот Мет Дилон, а Емир Кустурица ја прими наградата за севкупен придонес, признание чиј прв добитник беше Нелсон Мандела.