Наградите и филмот на Рајко Грлиќ „На сè ќе дојде крај“ за крај на 9. Меѓународен филмски фестивал „Киненова“

28
Филмот на Рајко Грлиќ „На сè ќе дојде крај“, вечерва (20 октомври), во 20 часот, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода ќе го затвори 9. Меѓународен филмски фестивал „Киненова“. Копродукцијата меѓу Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција, Бугарија, го прикажува Макс Пинтер, успешен адвокат од Загреб, кој успева да ги отфрли обвиненијата против неговиот клиент за двојно убиство, богатиот и моќен бизнисмен Динко Хорват… Улогите ги толкуваат: Jелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, нашиот Петар Арсовски. Музиката е на Дуке Бојаџиев.
-Го прочитав сценариото, ми беше интригантно, станува збор за политички трилер, има пецкава нота и веднаш прифатив. Станува збор за регионална копродукција и ние бевме последното парче од сложувалката. Филмот влезе во продукција во септември 2023 година, рече на денешната прес-конференција македонската продуцентка Елена Станишева, која проговори за копродукциската соработка и предизвиците со кои се соочуваат при снимањето филмови.
Интересно е што Анте Томиќ и Рајко Грлиќ, како сценаристи, направиле една современа драма – политички трилер според романот на Мирослав Крлежа „На работ на умот“. Тоа било всушност претекст за филмот „На сè ќе дојде крај“.
-Рајко неколкупати ме повика да соработуваме. Израснав со неговите филмови и ми е драго што тој се држи до градот, до тој некој граѓански слој кој сега веќе е сокриен. Кога го гледав во кино „Устав на Република Хрватска“ на проекцијата сретнав луѓе за кои не знаев дека сè уште живеат во градот. Тое се некои фини луѓе од различни генерации кои повеќе не излегуваат ниту на претстави, ниту на концерти. Од една страна тоа за мене е тажно, но и среќен сум што тие луѓе постојат. И многу ми е драго што постои Рајко на чии филмови може да го видиш граѓанството. И кога ме повика на аудиција, меѓу две сцени седнавме на кафе и разговаравме со Живо Аночиќ, а Рајко тајно нè прислушкувал што зборуваме и ни рече: Е ова го сакам!. Така двајцата ги добивме улогите. Улогата е прекрасна, Рајко ми дозволи да внесам некои мои ситници, убаво е со него да се соработува, ги сака актерите, убаво ги води и им дава слобода, раскажа актерот Јанко Поповиќ Волариќ на прес-конференцијата во Скопје.
Рајко Грлиќ, 1947 година во Загреб, е еден од најзначајните режисери во поранешна Југославија. По распадот на истата живее на релација Хрвaтска – Америка. Во новиот милениум продолжи да снима провокативни филмови, а меѓу позначајните кои се закитиле со фестивалски награди се: „Караула“ (2006), „Нека остане меѓу нас“ (2010) и „Устав на Република Хрватска“ (2016).
Инаку, за наградите на 9. „Киненова“ кои вечерва ќе бидат соопштени одлучува жирито во состав: Јани Бојаџи, претседател, и Асимина Проедру и Дорина Оарга, како членови.