Доделување на наградата „Пегаз“ за 2024 и промоцијата на победничкиот роман, „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски, ќе се одржат на 8 октомври во 20:00 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. На доделувањето на наградата ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Наташа Аврамовска (Институт за македонска литература), проф. д-р Ермис Лафазановски (Институт за фолклор, писател) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс ламина“). Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.

„’Ехото на акробатите’ повеќе е граматика на љубовта отколку што е љубовна приказна. Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, авторот Владимир Јанковски овој пат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. ‘Ехото на акробатите’ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлани по периферијата, наративна сложувалка со 100 ‘глави’ и недоброј значенски ‘опашки’. Со мајсторски минимализам и со кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство… со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови“, се вели во образложението за наградата.

Издавачката куќа „Арс ламина“ по шести пат ја доделува наградата „Пегаз“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура, во рамките на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.