– Навистина ми е огромна чест што ја добивам оваа награда, која на некој начин ми дава поттик да продолжам понатаму со она што сакам да го работам. Пред сè, сакам да им се заблагодарам на моето семејство, на моите родители и сестра без кои немаше да бидам тоа што сум. Да им се заблагодарам и на моите пријатели… Оваа награда не ми припаѓа само мене туку и на сите што се соочуваат со некаква попреченост и успеваат да докажат во ова општество дека сите можеме ако сакаме да бидеме еднакви – кажа Ема Ананиевска
– Бескрајно ѝ благодарам за нејзиниот придонес во македонската музичка култура и ѝ посакувам да продолжи да создава вака успешно, да биде голем афирматор и промотор на македонската култура – рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на првото издание на манифестацијата „Ability awards“, каде што ѝ ја врачи наградата за култура и уметност на реномираната пијанистка Ема Ананиевска. Министерот Љутков упати честитки до Ананиевска, која е дипломирана пијанистка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, истакнувајќи дека нејзиниот придонес во македонската музичка култура е бесценет и дека нејзиното музицирање покажува дека уметноста може да ја надмине секоја пречка.
Тој истовремено упати и честитка по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
– Министерството за култура и туризам продолжува да работи на зголемување на застапеноста на лицата со посебни потреби во областа на културата. Наша заложба е лицата со посебни потреби да се вклучат во општествениот и во културниот живот и со дарбата или талентот што ги поседуваат, да станат учесници во градењето на културното живеење на нашата држава – истакна Љутков.
Тој ги поздрави заложбите на Здружението „Абилитис нет“ (Abilities Net) за организацијата на овој настан, апелирајќи до сите здруженија на граѓани и во иднина да аплицираат на конкурсите на Министерството за да се обезбеди поголема застапеност на културните содржини за овие лица.
– Министерството за култура и туризам и институциите од областа на културата се отворени за соработка и за иницијативи, со една заедничка цел – да го унапредиме културното живеење на лицата со попреченост, да градиме заеднички вредности, да градиме општество на еднаквост – додаде министерот Љутков.
Инаку, Ананиевска е лице со оштетен вид. Тоа ѝ предизвикувало многу проблеми во животот, но никогаш не се откажала од својата љубов – свирењето на пијано, но и компонирањето. Таа подготвува нов музички материјал, а на самата манифестација на доделување на наградите имаше и настап на сцената.
Ема Ананиевска е пијанист и автор на својот репертоар, повеќекратна добитничка на награди од натпревари по пијано во државата и во странство, настапува и како солист во Македонската опера и балет, во МКЦ, Даутпашиниот амам, Музејот на Град Скопје, „Коларац“ во Белград…
– Навистина ми е огромна чест што ја добивам оваа награда, која на некој начин ми дава поттик да продолжам понатаму со она што сакам да го работам. Пред сè, сакам да им се заблагодарам на моето семејство, на моите родители и сестра без кои немаше да бидам тоа што сум. Да им се заблагодарам и на моите пријатели… Оваа награда не ми припаѓа само мене туку им припаѓа и на сите што се соочуваат со некаква попреченост и успеваат да докажат во ова општество дека сите можеме ако сакаме да бидеме еднакви – кажа Ема Ананиевска.
На манифестацијата „Ability awards“, која се одржа во хотелот „Хилтон“, организаторот додели награди во 10 различни категории на 10 поединци и на 10 компании што постигнале најголем успех во светот на инклузијата, изгласани од страна на публиката.