Македонските автори Војдан Андонов (сценарио) и Цанко Стефанов (цртеж), за стрипот „Револвер“, се добитници на првата награда „Златен стрип“ на Меѓународниот стрип конкурс „Велес 2024“.
Прогласувањето на најдобрите се одржа синоќа, во просториите на „Јуроп Хаус“ во Велес, каде што беше и свечено отворен 21. Меѓународен стрип салон и 6. Стрип колонија „Велес 2024“ во организација на Македонскиот стрип центар од Велес.
Од учеството на досега рекордни 351 автори на конкурсот, годинава стручното жири и организаторот додели повеќе награди.
Втората награда ја доби стрипот „Вера и невера“ на авторите Марко Стојановиќ (сценарио), Милан Јовановиќ и Дражен Ковачевиќ (поставки), Владимир Алексич (цртеж) и Аљоша Томиќ (колор) од Србија, а третата, пак, „Коцкање со живот“ на авторите Никола Видачковиќ (сценарио) и Драган Павасовиќ (цртеж), исто така од Србија.
Наградата за најдобро сценарио отиде кај „Анализа на смртта“ на Марко Стојановиќ од Србија, а за најдобар уметнички израз беше награден “Stargazer 256” на Даша Конопатова од Русија.
„Си беше еднаш еден човек“ на Александар Стеванов (сценарио) и Дарко Богданов (цртеж) е најдобар стрип од македонски автори, а „Ние што се бориме со богови“ на Војдан Андонов од Скопје ја доби наградата најдобро сценарио на македонски јазик.
Наградата за најдобар дебитантски стрип ѝ припадна на Сандра Костовска од Скопје, а беа доделени награди и во категорија основци и средношколци.
Како што посочува организаторот, активностите на стрип манифестацијата, најзначајна во сферата на 9 уметност кај нас, продолжуваат до 25 август со Стрип колонијата.