Македонската поетеса Ирена Павлова Де Одорико и руската Олга Панкина се годинешниве добитнички на наградата „Ацо Караманов“. Павлова Де Одорико наградата ја доби за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик за книгата „Новоженство“, а Панкина интернационалната книжевната награда „Ацо Караманов 2024“ за книгата „Меѓусебна потрага“.
Наградите ги соопштија од Центарот за култура „Ацо Караманов“ -Радовиш заедно со ОНБ „Браќа Миладиновци“ и жири комисијата за избор на најдобри поетски ракописи добиени по конкурс за 51. Караманови поетски средби во состав професор д-р Даниела Андоновска Трајковска, Борче Панов и Славчо Атанасов.
Според жири комисијата „Новоженство“ е храбра поезија која не се бори за женските права, туку нè соочува со историските предрасуди на еден свет кој бил проектиран како претежно машки свет, а кој денес се повеќе еродира како таков и среде ова се поставува женската перцепција за жената и како реален и еволуциски и телошки коректив на една цивилизација и колку и да е лудистички овој поетски ракопис, неговата необичност и оригиналност плени со естетиката на една нова реалност.
За поезијата на Олга Панкина жирито напиша дека преку живи и смели метафори и како на филмска лента многу луцидно, храбро и без влакна на јазикот е оживеан мигот на постоењето во светот кој сè повеќе станува виртуелен отколку реален. Македонија со своите природни, културни и историски богатства е чест мотив во поезијата на Панкина и токму заради тoa може да се рече дека таа не само преку своите препеви и преводи, туку и преку своето поетско перо ја промовира Македонија и меѓу Македонците, но и насекаде низ светот како книжевен амбасадор кој тоа го прави со голема љубов и посветеност.
Жирито ја награди и книгата „Пристоен предлог и други песни“ од Тихомир Јанчовски со Специјална награда „Караманов 2024“.
На годинашниот конкурс за наградата „Караманов 2024“ се јавија 17 поети со свои необјавени поетски ракописи.