Наводните средби на шест деца со Богородица, пред 40 години, го направија малото Меѓугорје светска туристичка дестинација

2082

Прикажувањето на Богородица (Госпа) во Меѓугорје, светски познато  место за аџилак во Босна и Херцеговина не доби потврда од Ватикан. Канцеларијата за доктрина на верата на Ватикан, по цели 15 години, детално анализирање не прогласи дека пријавените појавувања на девицата Марија се автентични, но затоа, пак, даде зелено светло за аџилак во херцеговското село каде што пред четириесетина години неколку деца тврдеа дека им се појавила Богородица.

Во нотата објавена неделава се вели дека Ватикан ги признава „бројните позитивни плодови“ што се случуваат во Меѓугорје,  меѓутоа не сака да го коментира натприродниот феномен поврзан со тврдењата на луѓе кои велат дека на местото им се појавува Богородица и им испраќа пораки. Досега во повеќе наврати  папата Франциско искажа противречни ставови во врска со феноменот Меѓугорје. Во една пригода, тој рече дека Богородица не е шеф на пошта па секој ден на луѓето да им праќа пораки, а неколку години подоцна застана на ставот дека луѓето таму го сретнуваат Бог и ги менуваат своите животи.

Но, без разлика на негативните изјави на папата и неговите претходници и завчерашно толкување на Ватикан за моќта на ова светилиште, Меѓугорје остана и силно се верува дека ќе остане место каде што илјадници луѓе, особено римокатолици, но и православни христијани и муслимани ќе продолжат да доаѓаат, за да се помолат и да се надеваат дека ќе им се посреќи да им се прикаже Мајката Божја.

А сè почна пред повеќе од четири децении, на 24 јуни 1981 година, кога шест локални деца рекле дека им се прикажала Богородица на ридот Црница, во пределот наречен Подбрдо во Меѓугорје и ја опишале како жена висока околу 165 сантиметри, витка, со екстремно сини очи и со убавина што не може да се опише. Раскажале дека на ридот здогледале жена со бебе во рацете, која им дала знак да ѝ пријдат,  им рекла дека е  кралица на мирот и им пренела пораки за мир во светот, за верата, преобратувањето, постот и молитвата. Како што кажуваат и сега, како возрасни луѓе, продолжиле да доаѓаат на истото место и секогаш се сретнувале со Богородица која преку нив им праќала пораки на луѓето. Едно од девојчињата рекло дека Богородица ѝ доверила десет тајни и ѝ оставила предмет, кој не е од земско потекло, нешто како неуништлив пергамент, на кој се напишани тајни, кои може да ги види само таа.

Маѓепсани од пораките на Богородица, за кои раскажувале децата подоцна, илјадници луѓе почнале да доаѓаат во Меѓугорје да се помолат и да ја видат, но до ден-денеска таа остана невидлива за сите други верници, освен за децата. А тие, пак, сега тврдат дека повеќе од 40 години комуницираат со неа, некои секој ден, некои еднаш месечно, а некои еднаш годишно, кога им е роденден. Пораките што наводно им ги дава се снимени и преведени на најпознатите јазици во светот, а ги има и на „Јутјуб“. Според она што го кажуваат за честотата на комуникацијата со Богородица, излегува дека во Меѓугорје таа се прикажала неколку десетици илјади пати. Токму тоа за Светата Столица е сомнително, ако се знае дека во најголемото маријанско светилиште во француски  Лурд, досега имало 18 прикажувања на Богородица, а во португалското Фатима само шест.

Но, ова на верниците не им е важно, па во сè поголем број го посетуваат Меѓугорје, кое стана светски познато. Денеска ова мало село, со помалку од 4.000 жители, е меѓу најпосетуваните дестинации за аџилак во светот, но и туристичка дестинација која според посетеноста и приходите им парира на најпознатите приморски летувалишта. Освен религиски, Меѓугорје стана и економски феномен. Според официјалните податоци, од 1981 година кога првпат е пријавено прикажување на Богородица, до 2013 година Меѓугорје добило приход од 2,85 милијарди евра, а сместувачките капацитети во тој период забележале 65 милиони ноќевања. Мостарски „Дневни лист“, пак, објави сума од вкупно 11 милијарди евра за период од четири децении и тоа од сместување, угостителски услуги, промет во трговијата, продавници за сувенири со верски предмети… За споредба, цела Хрватска во рекордната 2018 година имала околу 106 милиони ноќевања, а Дубровник годишно има околу четири милиони, додека малото Меѓугорје има речиси два милиона ноќевања годишно. Во местото сега има околу 400 сместувачки капацитети, така што сите жители живеат од туризмот за аџилак. Имаат корист и транспортните компании зашто аџиите за пат потрошиле дури 8,5 милијарди евра, но задоволна е и црквата, зашто тие таму во просек оставаат по 45 евра дневно.

А во пари ги претвораат и своите наводни средби со Богородица и шесте деца кои сега се семејни луѓе. Ниту еден од нив не се замонашил по средбите со мајката божја, сите имаат убави куќи, возат добри автомобили, се занимаваат со туризам: организираат тури за аџилак или патуваат по светот и раскажуваат што им рекла Богородица, држат семинари… а сето тоа им носи пари – многу пари.