Набавени се адитиви за асфалтирање при ниски температури

За да нема застој во асфалтирањето на патиштата, градежните компании кои моментално работат на делниците набавија адитиви што овозможуваат асфалтирање и на ниски температури. За таа цел се вклучени базите на сите подружници на Јавното претпријатие „Македонија пат“. Со тоа, како што вели директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски, ќе нема застој при асфалтирањето на автопатот Кичево - Охрид и во зимски услови, а на оваа делница ќе се работи и од ноември, па се до март. Тој се надева дека за идното лето во функција ќе биде барем едната страна од овој патен правец

123

За да нема застој во асфалтирањето на патиштата, градежните компании кои моментално работат на делниците набавија адитиви што овозможуваат асфалтирање и на ниски температури. За таа цел се вклучени базите на сите подружници на Јавното претпријатие „Македонија пат“.

Со тоа, како што вели директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски, ќе нема застој во асфалтирањето на автопатот Кичево – Охрид и во зимски услови и на оваа делница ќе се работи и од ноември, па сè до март. Тој се надева дека за идното лето во функција ќе биде барем едната страна од овој патен правец.

Исто така, асфалтирање во зимски услови кога е суво и без врнежи, ќе има и на делницата од Страцин кон Длабочица.

– Се спроведува и ноќно асфалтирање, како што е случајот со работите на патот Страцин кон Крива Паланка, делница која е дел од Коридор 8. На истиот коридор се планира наскоро да започне и проектирањето на патот од Куманово до Страцин – вели Трајановски.

Тој потсети дека „Бехтел и Енка“, активно работат на автопатиштата, поточно на новата делница од Кичево кон Гостивар, односно до Букојчани.

– До селото Црвец се прави евалуација на претквалификација. Истовремено се проектира и патот од Црвец до Букојчани, а ова проектирање треба да заврши во февруари 2025 година. Се работи и на планската документација на патот од Требеништа до границата со Албанија, за кој се водат прелиминарни разговори со Владата на Албанија затоа што на оваа делница ќе има и тунел – вели Трајановски.

Се прави и студија за исплатливост на скапата делница Скопје-Блаце на која има повеќе тунели и вијадукти, а тендерската постапка би требало да се објави во април или мај наредната година.

Трајановски најави дека обиколници конечно ќе добијат Кавадарци, Ресен и Битола кон Меџитлија, а на македонските патишта да нема запирање ќе се воведат и повеќе тагови на патарините за наплата со трансакциските сметки на возачите.

(С.Бл.)