Мухиќ: Прашањето е или прифаќаме или не прифаќаме ултиматум!

Академикот по најавата за национална стратегија во која ќе биде вклучена и МАНУ

31

Сакаме во ЕУ, условот е прифатлив за еден дел од граѓаните, но за друг дел не е, бидејќи се засегнати националното, културното прашање и прашањето на идентитетот. Парадоксот е што се бара Бугарите да влезат во Уставот како конститутивен народ, што би значело дека се изедначуваат со македонскиот. Прашањето е или прифаќаме или не прифаќаме ултиматум. Позицијата за барање солидарност е коректна и централна идеја – изјави академик Мухиќ за весникот ВЕЧЕР и прашува, има ли сила владејачката партија да побара од сите партиски чинители да ризикуваат и да не го прифатат ултиматумот за влез во ЕУ, кој се покажа дека нè оддалечува. Според него, и уставните измени со одложено дејство ќе бидат со исти последици, бидејќи се бара промена на Уставот по императив од земја што не признава ниту културно здружување на македонското малцинство, а камоли да понуди реципроцитет во признавање на народот

Нема сомнеж дека најавената национална стратегија до 2050 година од страна на премиерот Христијан Мицковски е искрена, но колку е можна таа прашува академик Ферид Мухиќ по пораките на премиерот за обединување преку стратегија со долгорочни цели за развој на државата.

– Идејата е добра доколку сите партии во земјата се свесни и прифатат дека нашето членство во Европската Унија е условено, ако гледаме историски, етничките заедници секогаш биле обединети и солидарни околу клучните прашања со македонскиот народ. Легитимно е да се побара единство и околу ова прашање, но не може да се очекува. Целта за обединување е стратешка, а излезот е единство – вели академик Мухиќ за весникот ВЕЧЕР.

Прашува, има ли сила владејачката партија да побара од сите партиски чинители да ризикуваат и да не го прифатат ултиматумот за влез во ЕУ, кој се покажа дека нè оддалечува.

– Сакаме во ЕУ, условот е прифатлив за еден дел од граѓаните, но за друг дел не е, бидејќи се засегнати националното, културното прашање и прашањето на идентитетот. Парадоксот е што се бара Бугарите да влезат во Уставот како конститутивен народ, што би значело дека се изедначуваат со македонскиот. Прашањето е или прифаќаме или не прифаќаме ултиматум. Позицијата за барање солидарност е коректна и централна идеја – вели универзитетскиот професор, според кого и уставните измени со одложено дејство ќе бидат со исти последици, бидејќи се бара промена на Уставот по императив од земја што не признава ниту културно здружување на македонското малцинство, а камоли да понуди реципроцитет во признавање на народот.

Од македонската опозиција велат дека државата веќе има национална стратегија, која претходната Влада ја изготвила со помош на експерти и на претставници од сите политички партии и ја поднела до Собранието.

– Државата и граѓаните со години беа обединети околу една единствена цел – ЕУ и НАТО-интеграциите, но и за ова нема конкретен план. СДСМ бара конструктивност од ВМРО-ДПМНЕ и конкретни решенија што се во интерес на граѓаните, околу кои може да се дебатира. Додека ВМРО-ДПМНЕ не созрее и не разбере дека не смее да се користи обединувањето како политичка флоскула и манипулација, туку дека за тоа е потребно вистинско лидерство, државата, за жал, нема да напредува – стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа од СДСМ да излезат од својата деструктивна матрица и да покажат конструктивност и одговорност, затоа што потоа нема да имаат можност со ништо да се оправдаат пред идните генерации. Партијата на Мицкоски повика на општествено обединување за градење државна стратегија до 2050 година, која ќе ги опфаќа приоритетите на развој на државата.

Во неа, според ВМРО-ДПМНЕ, ќе влезат и демографските предизвици, економските цели, земјоделскиот и технолошкиот развој, енергетскиот и транспортниот развој, подобрувањето на животната средина, образованието и на здравството.

Инаку, во најавата за долгорочна национална стратегија, премиерот истакна дека ќе побара консензус од сите политички партии и дека во нејзиното градење ќе бидат вклучени МАНУ и академската заедница. На промоцијата на стратегијата, Мицкоски истакна дека одамна ќе сме биле дел од европското семејство да не биле билатералните проблеми, кои се дел од стратешката политика на некои држави, базирани на нивните гледишта на историјата и нивните интереси.

– Сметам дека дојде денот да започнеме еден сериозен, нов проект. Една сеопфатна стратегија, која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава. Мора да ги користиме знаењата на сите што можат да помогнат. Мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. Таков консензус, за жал, ни недостига сиве овие години – рече премиерот Мицкоски. (П.А.)