Мурал со Камала Харис покажа како денес лагата за миг патува од Атланта до Приштина

289

Снимка што се појави на социјалните мрежи, а ја објави и српската телевизија „Пинк“ претставува е класичен пример за тоа со колкава брзина и колку далеку денес може да отпатува лагата.

Се работи за снимка на пребојосување на мурал на кандидатката на демократите за претседател на САД, Камала Харис. Во информацијата што ја пренесе ТВ „Пинк“ наведено е дека муралот се наоѓа на зграда во косовскиот град Приштина, а пребојадисувањето се случило веднаш по победата на републиканецот Доналд Трамп на изборите.

Тоа е обична манипулација, откри српскиот Вистиномер – Истиномер.рс,  кој информира дека локацијата на муралот е всушност во Атланта, САД.

-Објавите ги оценивме како злоупотреба на визуелна содржина, посочуваат оттаму.

Медиумот открива и дека идентични наводи се споделувале и на социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер, каде што покрај снимката еден корисник напишал: „Вчера во Приштина. Малку побрзаа, па да го тргнат додека никој не видел“. Истото тврдење во дневникот го пласирала и ТВ „Пинк“.

-Приштина, судејќи според сè, е повеќе од загрижена поради исходот на американските избори. Тоа го потврдува и снимката создадена во овој град, која докажува дека имале поинакви очекувања и дека се надевале на победа на Калмала Харис. Но, по објавата дека новоизбраниот претседател на Америка е Доналд Трамп, во Приштина веднаш на една зграда е префарбан мурал со  ликот на Камала, кажаа во дневникот на ТВ Пинк, во понеделникот со прикажување на снимката, посочува Истиномер. рс.

Медиумот кој се занимава со откривање на вистината и на лажните вести додава дека „Пинк“ на својот портал објавил статија со наслов „Приштина ги брише трагите од поддршката на губитничката на американските избори.“

Порталот „Политика.рс“, пак, навел дека во Приштина го пребојосале муралот на својата „сакана“ Камала.

Откако снимката на пребојадисувањето на муралот стана вирална на социјалните мрержи, се огласи и неговиот автор Крис Кларк.

-Пред да почнам да добивам 100 милиони ознаки, муралот на Камала отсекогаш беше замислен како привремен мурал. На интернет кружи видеоснимка на која се прикажува како муралот се пребојадисува, што отсекогаш беше план. Тоа е истиот ѕид  на кој пред неколку месеци го направивме Фајт најт муралот. Муралите се замислени како привремени реклами, а не да траат засекогаш. Троловите веќе почнаа да ги посетуваат моите страници на социјалните мрежи. Толку се среќни и радосни што го гледаат како исчезнува. Но, знаете ли што ми носи радост мене? Тоа што можам да се разбудам секој ден и да го работам она што го сакам. Колку луѓе можат да го кажат тоа? Без оглед на тоа кој победил и за кого сте гласале, тој мурал е дел од историјата и горд сум што работев на него. Одиме понатаму, напишал авторот  покрај фотографијата на муралот пред да биде пребојосан.

Точната локација на муралот Истиномер.рс ја открил со пребарување на Мапс. Таму јасно се гледа дека станува збор за Атланта, главниот град на Џорџија, федерална држава на истокот на САД.