Мурал го краси заштитниот ѕид на патот кон тетовско Бањиче

24

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити; градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григорјан, денеска го претставија муралот нацртан на заштитниот ѕид изграден во близина на ХЕЦ „Пена“, на патот кон областа Бањиче, Тетовско.

Муралот е нацртан на ѕид долг 120 метри, кој претходно беше изработен за стабилизација на свлечиште на земјиште во рамките на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, финансиран од Швајцарија, кој УНДП го имплементира во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и со општините во регионот.

Настанот е дел од серијата активности што ги организира УНДП по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13 Октомври.