Мултимедијалниот проект „Дата база“ на ликовнaта уметница Марија Мицова Гацова утре ќе биде претставен во Меѓународниот резиденционален центар (Cité internationale des Arts) во Париз.
Проектот е избран на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година од областа на меѓународната дејност.
На настанот Отворено студио во оваа престижна институција авторката изложува инсталација од цртежи, принтови од мемориски предмети, инсталација во техниката papier mâché и видео кое го документира целиот процес на творење. Изложбата произлегува од нејзиното истражување за комплексноста на меморијата, составена од генерациски наследни податоци, стекнати информации и нивната употреба во социјално-културен контекст.
Овој двомесечен резиденционален престој со изложба во Париз е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Марија Мицова Гацова е ликовен уметник од Кочани.