Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов и Министерот за спорт Борко Ристовски им посакаа успех на ракометарките пред настапот на Европското првенство.
Нашите девојки ќе настапат на континенталниот собир кој ќе се одржи од 28 ноември до 15 декември и ќе играат во групата А, каде ќе ги одмериме силите против селекциите на Унгарија, Турција и Шведска.
-Најважно е да го дадете својот максимум и да дадете сѐ од себе на ова Европско првенство. Ќе почувствувате можеби и позитивен притисок бидејќи цела Македонија ќе ве гледа, ќе навива за вас. Без разлика на резултатот вие секогаш ќе бидете најдобрите од Македонија. Гордо да ја претставите државата, да бидете горди претставници на македонскиот ракомет. За сѐ што ви треба ние сме тука како министерство и како држава да ви помогнеме и сите недостатоци доколку ги има, да се обидеме заедно да ги надминеме и да ги исправиме. Со среќа на ЕП! – им рече министерот Борко Ристовски на македонските репрезентативки.
Авантурата на континенталниот собир ја отвораме со мечот против Шведска на 28 ноември, потоа играме со Турција два дена подоцна, а третиот и последен дуел од групната фаза ќе се одигра на 2 декември, каде за противник ќе го имаме ко-домаќинот на Европското првенство, Унгарија.
Македонската репрезентација утре заминува за Пореч, Хрватска каде ќе учествува на турнирот „Кроација куп“ што ќе биде последна проверка пред настапот на ЕП 2024 што ќе се одржи од 28 ноември до 15 декември во Унгарија, Австрија и Швајцарија.