– Од дете сум во планина, родена во планина, со првите и сите други чекори во планина, по сончево време, по грмотевици, по снегови. По ливадите и камењарите со обувки и со боси нозе до полнолетството, до преселбата на рамно и широко во приградска населба. Колку ми беше чудна рамнината. Колку ми фалеше планината и семејството. Мудреците од моето племе ме одделија од планината, носејќи ме на друга земја. Имаа друга задача за мене. Време на работа, на трпение, копнеж и тешкотии. Човек во мака за да издржи и за да го продолжи животниот пат мора да посегне по дополнителна сила. Кој во семејниот круг ќе ја најде, кој во хобито, кој во патувањата, секој според потребите и можностите.
Вака планинарката Станимирка Тасевска, која сите што ја познаваат ја викаат Лола, ја започна својата приказна за почетоците што ја навлекле да планинари, за кое вели дека е прекрасно хоби за здрав живот и бегање од мислите. Нејзиниот Дневник содржи емотивен наплив од планината, фотографии, искуство, малку проза, малку поезија, живот на моментот и желба за повторување со нови отпечатоци на стапалата и нова прегратка на планината.
ВОДНО
Родена е Србинка и целосното потекло и е српско, но со мажење вели „станав и горда Македонка“. Откако прерано починале нејзините блиски од фамилијата, па и сопругот, таа посегнала по планината.
– На мои 55 години зедов ранец на грб и сè тажно и убаво, сè што ми е во срцето, умот и душата, сè понесов на Водно. Сама, ама во близина на веќе искусните пред мене што одеа, со мислите кон врвот и на најголемиот крст. Тука е поблиску небото, тука небото подобро ќе ме слушне и побрзо ќе ме осили. Едвај се искачив и иако ме фати криза пред врвот, не се откажав. Знаењето од детството за планината е друго. Дете си, целото семејство е со тебе, сонот, желбите, иднината, сето тоа е сила. На овие години со веќе подоста износен животен товар на грб, поинаку е – раскажува Станимирка.
Кога се искачила на врвот на Водно, кога го видела грандиозниот крст, поглед во недоглед, природата, луѓе во движење, ветерче, светлина, облаци…ја преплавиле чувствата и очите ѝ се насолзиле, затоа што, вели дека ја почувствувала широчината и слободата која ја нема долу во градот. Водно ја освоил на прв поглед и таа се заљубила во планината која ја искачувала во следните неколку години.
– После неколку години Водно и само Водно, почнав да се дружам со планинарите од „Планинска убавина“. Набрзо имав голема среќа да го запознам Дејан Вељановски, добар познавач на планината, со многу пробиени и маркирани патеки на Скопска Црна Гора, секогаш прв на чело на колоната, сегашен претседател на планинарско здружение „Убавините на Скопска Црна Гора“, чиј член сум од формирањето. Благодарение на него стапнав и на Скопска Црна Гора. На Спирова колиба за првпат. Не беше лесно, на моменти бев решена и на колена ќе се движам само да стасам заедно со планинарите. Многумилно ја сакам Скопска Црна Гора. Ја имам изодено целата во повеќе планинарски тури – нагласува таа и ни изрецитира една своја воздишка, еден одек од душата по едно искачување на Скопска Црна Гора.
(„Се чувствуваме, се љубиме, си требаме. На неа мојот шепот – за мене нејзиниот молк. На неа мојот чекор – за мене нејзините патеки. На неа мојот ден и ноќ – за мене нејзината вечност. На неа мојот трепет – за мене нејзината цврстина. На неа мојата чистота – за мене нејзиното јасногледно небо…. се доближуваме, и уште нестасана до кај што појдов, веќе ми брмчат мислите за повторно заедно, и нејзините и моите!“).
ЗАЕДНО
Станимирка вели дека дружењето со планинарите е учење и делење на времето, грижата, љубовта и патеката.
– Делиме исти глетки, но ги доживуваме различно. Делиме вода ако некому му снема, храна си поддаваме, си разговараме, се советуваме, си кажуваме патеки, врвови, дестинации. Понешто и од обичен живот, без политика. Молчиме со оној кој има потреба од молчење. Гледаме да не се одврзала врвката на нечиј чевел, за да не му направи беља и да се сопне. Се проверуваме сите ли сме тука и на патека и кога одмораме. Тоа е она ЗАЕДНО што се вели и во многу е застапено кај планинарите – да тргнеме заедно, да се грижиме еден за друг, да стасаме кај појдовме и сите безбедно да се вратиме дома – нагласува Станимирка.
Ја прашавме што носи во ранецот и што сè треба да има еден планинар кога ќе се нафати да ги изодува планините. Вели дека ранецот не е лесен, бидејќи се полни со работи коишто го олеснуваат искачувањето.
– Чевлите се најбитни, чевли за планина, разгазени веќе, водоотпорни и удобни, соодветни за трасата и годишната доба. А ранецот го полниме со кабаница за ветер и дожд, капа, очила, ракавици за зимно време, резерва чорапи, маички и блузи за пресоблекување, заштитен крем и храна. Од храна има сендвичи, грицки, солено, благо, овошје, кафенце, сокче, житарки, чоколатциња, кој што сака, но сè одмерено според должина на патеката колку што треба и плус понешто да поделиме со друг. Ако некој нема од тоа „плус“, делиме што има – потенцира Станимирка.
Своите искажувања таа ги овековечува на Фејсбук. Одличен е фотограф на кој можат да ѝ позавидат и професионалците. Вели дека со првото искачување на Водно кај неа се родила и желбата за фотографија.
– Од дете сум сакала да пишувам, цртам, читам, да патувам, да изработувам рачни работи, ама фотографија не ми се вртела многу во глава. А сакав да гледам фотографии и да забележувам содржини во нив со помисла дека јас не би можела така успешно да ги правам. Недоволно ми беше што се потсетував на убавите моменти на планина, затоа сакав со фотографија, повторно гледајќи ја, повторно да го доживеам чувството на изоденото и виденото. Некој друг што ќе ја види фотографијата, а не може да планинари, да го види местото, некој да се потсети дека и тој бил таму, некој да се инспирира и мотивира, па и тој да оди таму или некаде на друго место. Најмногу сакам да прегрнам човек со фотографијата. Да го прегрне содржината на фотографијата со пријатно чувство на блискоста и убавината на она во што гледа. Природата кога ја гледаме, дури и на фотографија, природата оплеменува и облагородува човек – раскажува Станимирка.
ХУМАНОСТ
Вели дека со сите сетила ги почувствувала благодатите на планинарењето. Според неа, движењето низ природата психофизички го трансформира човекот, го зајакнува. Го дарува со чист воздух, со простор, со плодовите и чаевите.
– Понекогаш е многу жешко, понекогаш многу студено, снеговито, магловито, дождливо ама така учиме, се приспособуваме и се калиме. Планинарењето е и енергетизирање и смирување и јога, и акустична терапија и ароматерапија, и ауратерапија и свесно одење. Замислете си го мигот кога јадете лепче и на лепчето ти застанува пеперутка! Бестрашно стои и се движи со долгите нозе по твоето лепче, трепкајќи со крилјата од задоволство и со доверба – вели Станимирка.
Нејзе планината ѝ додала посилна доза на хуманост. Неколку години поголемите врвови ги искачува како поддршка и за подигање на свеста за болните од ретки болести, поточно за болните од пулмонална хипертензија.
– За нив ја искачив Мусала, највисокиот врв на Балканот и тоа од Боровец, а годинава по трет пат Голем Кораб, највисокиот врв во Македонија. Потоа Солунска Глава, Титов Врв, Љуботен, Голем Крчин, Лисец на Илинска Планина и многу други врвови на Шара, Бистра, Јабланица, Бесна Кобила во Србија, Радан Планина исто така во Србија, сите врвови на Скопска Црна Гора и други наши планини. За ПХ болните годинава трчав трет полумаратон на Визер Скопје, редовно трчам планинско трчање на Прв до врв, и други трки каде што ми дозволуваат финансиските и телесните можности. Планината ми даде сила на 65 години да ги почувствувам атлетичарските патеки, како и скромна горделивост од застанување на победнички пиедестал во ветеранска категорија – потенцира Тасевска.
Таа, облечена во костим на Дедо Мраз, ја истрча годинашнава трка на Дедомразовци што се одржа во Скопје.
ЖЕЛБИ
Лола е веќе во 69. година од животот, но со желба како од прв ден, да се дружи со планината.
– Си требаме една на друга. Желби за искачување има, но здравје е потребно и според можности. Искачување далечни и повисоки врвови бараат и повеќе финансии и соодветна опрема. Но, најпрво јас, како и секој планинар треба да ги следиме можностите на телото, со планинарењето да го подобруваме здравјето на телото, а не со преголем напор да го нарушуваме – констатира Станимирка.
Ја прашавме која ѝ е неисполнета желба, ни рече дека има три.
– Моја лична желба е да можам со помисла болен да оздравам. Да нема болни. Најголемото и најскапоценото богатство на човекот е здравјето. Синот и јас и сите да сме живи и здрави и сложни. Заедно сме на планета Земја за да си требаме еден на друг. Бидете благословени со здравјето, чувајте го, ценете го и помагајте за здравје на друг човек. Втората желба е да имам можност да купам дигитален фотоапарат оти со него полесно ракувам. Знам да го протнам и низ пукнатина и помеѓу гредите за да фотографирам нешто интересно. Третата желба е двете желби да ми се исполнат – вели оваа скромна, но силна жена која навлегува во осмата деценија од животот, а љубовта кон планината не ѝ згаснува.
Оваа топла репортажа за Станимирка Тасевска ја завршуваме со еден цитат кој го прочитала и ѝ оставил голем впечаток.
– Ја знаете приказната за младиот човек кога отишол кај источњачки мудрец да научи мудрост преку прошетка низ градините на мудрецот со полна лажица масло. Првиот пат го истурил маслото, разгледуваќи ги убавините, вториот пат не видел ништо од убавините за да не го истури маслото, тогаш мудрецот му рекол: „Мудроста е во тоа да ги видиш сите убавини на светот, а да не го истуриш маслото од лажицата“. Ова важи и за планинарот: „Да ги види и доживее сите чудата на природата, а да се врати дома жив, здрав и восхитен – вели Станимирка!
Светлана БЛАЖЕВСКА