За најдобри здравствени резултати, обидете се да консумирате разновиден зеленчук за да ги искористите уникатните здравствени придобивки од него. Не заборавајте да го вклучите како дел од урамнотежената исхрана

Марија СОКОЛОСКА

Постојано нагласуваме дека природата ни дава сè и дека треба да ја искористиме. Постојано слушаме дека треба да јадеме повеќе зеленчук и овошје за да се одбраниме од секое заболување. И сето тоа е навистина потврдено и точно. Не е тајна дека зеленчукот, кој е преполн со влакна, витамини, минерали и со антиоксиданси, е задолжителен во здравата исхрана. Тој е, исто така, вкусен и совршен за различни јадења, како што се салатите, супите, смутито и сендвичите. Иако секој зеленчук е здрав, дел се издвојува по снабдувањето со хранливи материи и моќните здравствени придобивки што ги имаме од него.

Еве дел од достапниот зеленчук со хранливи материи.

Спанаќ

Овој лиснат зелен зеленчук е на врвот од табелата со зеленчук со најмногу хранливи материи. Спанаќот, исто така, може да се пофали со антиоксиданси, кои може да помогнат во намалувањето на ризикот од болести. Едно истражување покажа дека темнолисниот зеленчук, како спанаќот, е богат со бета-каротин и со лутеин, два антиоксиданса што се поврзани со помалиот ризик од рак. Друга студија сугерира дека спанаќот е корисен за здравјето на срцето со тоа што помага во намалувањето на крвниот притисок. Тој обезбедува неколку антиоксиданси и е особено богат со К-витамин. Корисен е за здравјето на срцето и го намалува ризикот од болести.

Моркови

Морковите се преполни со А-витамин. Тие, исто така, содржат бета-каротин, антиоксиданс што ја дава нивната живописна портокалова боја и може да помогне во спречувањето рак. Телото го претвора ова соединение во витамин А. Всушност, една студија во која биле вклучени повеќе од 57.000 луѓе, покажала дека кога, на подолг рок, јаделе најмалку од два до четири моркови неделно, имале 17% помал ризик од колоректален карцином. Конечно, овој популарен коренов зеленчук е богат со многу други клучни хранливи материи, вклучувајќи ги и калиумот и витамините Ц и К.

Брокула

Брокулата е богата со растително соединение што содржи сулфур, наречено глукозинолат, како и неговиот нуспроизвод – сулфорафан. Сулфорафанот е соединение што може да заштити од рак. Овој зеленчук може да помогне да се спречат и други видови хронични болести. Една мала студија покажа дека никулците од брокулата го намалуваат нивото на неколку маркери на воспаление, кои се поврзани со хроничните состојби како што се срцевите заболувања. Брокулата, исто така, е преполна со витамини и со минерали.

Лук

Лукот се користи како лековито растение со милениуми. Негово главно активно соединение е алицинот, за кој се покажа дека помага за шеќерот во крвта и за здравјето на срцето. Истражувањата покажуваат дека лукот може да помогне во намалувањето на нивото на триглицеридите и на холестеролот. Некои студии сугерираат дека лукот може да помогне во намалувањето на нивото на шеќерот во крвта и да помогне во спречувањето рак, но потребни се повеќе истражувања.

Кељ

Како и другиот лиснат зеленчук, кељот е познат по својата хранлива густина и по содржината на антиоксиданси. Во една мала студија, јадењето кељ во оброк богат со јаглеродни хидрати било поефективно во спречувањето на скоковите на шеќерот во крвта отколку јадењето оброци со висока содржина на јаглеродни хидрати. Друга студија покажа дека пиењето сок од кељ може да ги намали крвниот притисок, холестеролот и нивото на шеќерот во крвта. Кељот е богат со витамините А, Ц и К, како и со антиоксиданси.

Зелен грашок

Грашокот е скробен зеленчук, што значи дека има повеќе јаглеродни хидрати и калории од зеленчукот без скроб и може да влијае на нивото на шеќерот во крвта кога се јаде во големи количини. Сепак, зелениот грашок е неверојатно хранлив. Бидејќи е богат со влакна, грашокот го поддржува дигестивното здравје преку зајакнување на корисните бактерии во цревата и преку редовно празнење на дебелото црево. Згора на тоа, богат е со сапонини, група растителни соединенија познати по своите антиканцерогени ефекти.

Блитва

Блитвата е нискокалорична, но богата со многу есенцијални витамини и минерали. Исто така, полна е со антиоксиданси и со растителни соединенија што го поттикнуваат здравјето, вклучително и беталаините и флавоноидите. Овој зеленчук може дури да помогне да се спречи оштетувањето предизвикано од дијабетес тип 2, иако се потребни повеќе испитувања и студии.

Цвекло

Цвеклото е коренов зеленчук, кој содржи влакна, фолна киселина и манган во секоја порција со многу малку калории. Тоа е, исто така, богато со нитрати, кои телото ги претвора во азотен оксид – соединение што може да помогне во проширувањето на крвните садови. Според повеќе студии, нитратите во сокот може да помогнат во намалувањето на нивото на крвниот притисок. За возврат, ова може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

Аспарагус

Аспарагусот е богат со неколку витамини и минерали и е одличен додаток на секоја диета. Добивањето доволно фолати од храната како што е аспарагусот може да заштити од болести и да спречи развојни неправилности на невралната туба за време на бременоста. Едно истражување спроведено на животни, исто така, сугерира дека екстрактот од аспарагус штити од оштетување на црниот дроб и на бубрезите со намалување на оксидативниот стрес.

Карфиол

Карфиолот е познат по својата разновидност и по својот ѕвезден профил на хранливи материи. Како и другиот зеленчук, тој е одличен извор на соединенија како што се глукозинолатите и изотиоцијанатите, кои поседуваат моќни својства за борба против ракот. Карфиолот, исто така, често се користи како алтернатива со малку јаглеродни хидрати и како нискокалорична алтернатива на состојките како ориз, компири и брашно. Може дури и да помогне во намалувањето на тежината.

Во крајна линија…

Не само што поголемиот дел од зеленчукот е преполн со антиоксиданси и низа есенцијални витамини и минерали туку и голем дел од него помага за здравјето. Иако наведениот зеленчук е одлична опција за внесување хранливи материи во исхраната, друг, исто така, е преполн со хранливи материи. За најдобри здравствени резултати, обидете се да консумирате разновиден зеленчук за да ги искористите неговите уникатни здравствени придобивки. Не заборавајте да го вклучите како дел од урамнотежената исхрана.