„Мочурливци” на Барбара Симонити на македонски

55

„Мочурливци” од словенечката писателка Барбара Симонити е новата книга за деца која излезе од печат во издание на Издавачки центар ТРИ, во едицијата „Магични приказни”. Преводот на македонски го направи Дарко Спасов.

„Авторката ни ја раскажува прекрасната приказна за зелената Мочурлива Пониква. Оваа Пониква има свои жители: дождовници, жаби, тритони, гуштери, стоногалки. Тие живеат во мала хармонична заедница во која имаат свој ред и поредок, идиличен живот и соживот, вообичаено секојдневје. Но еден ден нивното спокојство е нарушено од многу чуден настан – исчезнува Мочуриштето…“, се наведува во соопштението на издавачот.

Книгата е поддржана од програмата „Креативна Европа” на Европската Унија.

Инаку, Барбара Симонити е реномирана словенечка поетеса, писателка и преведувачка, авторка на многу книги за деца и сликовници. Својата прва бајка ја напишала на седум години. Од 1995 година е слободна писателка. Членка е на Друштвото на словенечките писатели, на Друштвото на словенечките книжевни преведувачи и на Словенечкиот ПЕН-центар. Во своите дела Барбара Симонити секогаш го промовира раскажувањето приказни како извор на човештвото.