Мора да се фатиме за мотика или ќе останеме без леб

Земјоделците сметаат дека интерес за обработка на земјоделското земјиште е значително опаднат поради зголемените трошоци. Според нив, најавата за отстапување на државно земјиште за производство на жито е добра, но е задоцнета. Но, сепак сметаат дека нема простор да се чека со месеци за да се распределат овие површини и оти со работа мора да се почне час поскоро за да се обезбеди доволно жито за да се прехраниме

604

Државата ќе стави на располагање околу 12 илјади хектари државно земјоделско земјиште за производство на пченица, пченка, јачмен, жита. За земјоделците овој потег на државата е добар, но е задоцнет. Сметаат дека нема простор да се чека со месеци за да се распределат овие површини и оти со работа мора да се почне час поскоро за да се обезбеди доволно жито за да се прехраниме. Но, потврдуваат дека интерес за обработка на земјоделското земјиште е значително опаднат поради зголемените трошоци. Поради војната во Украина извозот на жито значително опадна, а уште еден проблем за земјоделците е набавката  на вештачко ѓубриво, до кое се потешко се доаѓа, откако Русија го сопре извозот.

Земјоделците сметаат дека интерес за обработка на земјоделското земјиште е значително опаднат, а поради зголемените трошоци и она земјиште кое веќе е дадено на користење, не се обработува.

-Идејата е добра, но е многу задоцнета. Нема веќе кој да го обработува земјоделското земјиште, младите се иселија, а и земјоделството стана многу скапо да се работи. Една вреќа ѓубре е 3.000 денари, а секоја недела цената ѝ се зголемува. Освен ѓубрето се зголемија и цените на семиња, пестициди, фунгициди… И користењето на земјоделската механизација стана луксуз, бидејќи нафтата стигна до 100 денари за литар. Цената на производството на еден килограм пченица чини минимум 30 денари, а како растат трошоците така ќе се зголемува, вели Ристо Велков, претседател на Регионалниот синдикат на земјоделски производители.

Тој смета дека државата многу порано требаше да го обезбеди производството на пченица и да ги задоволи домашните потреби.  – Мора да се фатиме за мотика ако сакаме да се прехраниме. Мора прво да мислиш да имаше леб дома, а потоа ако имаш вишок да го извезуваш, додава Велков.

И од мелничко-пекарската индустрија велат дека државата треба да ги задоволи потребите од пченица, не само до новата жетва туку подолгорочно со што би ја намалиле потребата од увоз на пченица.

– Поради војната во Украина, побарувачката за пченица ќе се зголемува на светско и на регионално ниво, а понудата ќе се намали. Земјите што се поголеми производители ќе го забранат извозот и може повторно да се соочиме со недостиг. Така, после жетвата, може да се доведеме во ситуација да ја имаме истата криза со пченица. Државата треба да преземе мерки за да ги поттикне земјоделците да посеат повеќе пченица и да се спасиме од зависноста од увоз на пченица. Тоа неодамна го направи Косово со тоа што им ги зголеми на земјоделците субвенциите по сите основи. Косовските земјоделци сега добиваат 474 евра за хектар. Предлагаме и нашата Влада да преземе такви чекори за да ги стимулира земјоделците да го зголемат производството на пченица, изјави за Горан Малишиќ, претседател на Здружението за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Инаку, според статистиката земјава последниве години континуирано бележи пад во производство на житни култури. Во минатото Пелагонија покривала 60 проценти од потребите на жито, денеска овој процент е преполовен.

Од Министерството за земјоделство велат дека се прават анализи за да се обработи секое парче обработлива земја. Оттаму потврдуваат дека околу 12.000 хектари државно земјоделско земјиште наскоро ќе биде објавено на јавен оглас. Земјоделците ќе може да аплицираат со назнака дека земјиштето треба да е наменето за производство на пченица и јачен, односно за поледелски култури. До Министерството за финансии е доставен план што е тоа што треба да се направи на среден и на долг рок. Со планот се предвидени мерки кои ќе придонесат за зголемени приноси од 30.000 тони пченица на среден и на долг рок кои ќе овозможат државата да не е повеќе увозно зависна од пченица.

Инаку, со производство од приближно 250.000 тони годишно нашата држава не ги задоволува своите потреби и е увозно зависна од пченица. Имаме околу 50.000 тони помалку од потребите, кои изнесуваат околу 300.000 тони.

(А.С.)