Ракометарите на Еурофарм Пелистер, го претрпеа третиот пораз во четвртиот натпревар од Европската лига.  Битолчани на гостувањето во Љубљана загубија од  Тримо Требње со 28:24 (14:12) и си ги намалија шансите за пласман во елиминационата фаза , во второто по квалитет европско натпреварување.

Минатогодишниот македонски претставник во Лигата на шампионите, промаши многу зицери кога имаше можност да го изедначи резулататот, а во второто полувреме  на висината на задачата не беше ниту одбраната. Една од причините за овој пораз на битолчани е и противничкиот голман кој  само во првото полувреме нанижа десет интервенции.

-Морам да кажам дека многу грешевме во нападот во првото полувреме, едноставно промашувавме многу зицери. Тешко се победува во Европа ако се шутира толку лошо. Чувствувавме притисок и мора нешто да сменам на следниот натпревар.  Сепак, честитки за Тримо Требње, за ракометарите и за тренерот Урош Зорман, изјави тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ.

Во тимот на битолскиот тим најефикасен беше Мандалиниќ со пет гола, а кај Тримо Требње се истакнаа Сарак со четири и Поточник со пет гола. Прво име на натпреварот беше голманот на Тримо Требње, Александар Томиќ со 14 интервенции.

За една недела истите екипи ќе се сретнат во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Во групата пак каде што игра вториот наш претставник во Европската лига, тимот на Металург, досега со максимален учинок е полскиот вицешампион Висла Плок, која и се радуваше на победата кај Тулуз со 26:25

На останатите натпревари Фуксе Берлин го победи Динамо Букурешт (33:29), Монпелје славеше над Алингсас (32:21), Магдебург беше подобар од Нексе (24:32), ЦСКА дома го доби Бешикташ (32:24), Кристианштад лесно се справи со Прешов (32:25) и Спортинг загуби од Ним (26:30).

Фото: Е. Пелистер