Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, го заврши учеството на мастерсот во Индијан Велс, откако беше поразен во третото коло, од 123. играч во светот, Лука Нарди, со 4:6, 6:3, 3:6.
Дваесетгодишниот италијанскиот тенисер стигна до средбата против големиот шампион како „среќен губитник“ и ја забележа најзначајната победа во кариерата откако почна да игра професионален тенис. Во исто време, тој стана најслаборангираниот играч што успеал да го совлада Ѓоковиќ на турнир од серијата 1.000, од 2008 година.
Мечот во Индијан Велс траеше речиси два и пол часа. Во следниот меч, Италијанецот ќе се сретне со Томи Пол од Соединетите Американски Држави, кој беше подобар во третото коло од Французинот Хуго Амбер (6:4, 6:4).
По поразот, српскиот тенисер беше прашан дали ќе настапи на наредниот мастерс турнир во Мајами, на што одговори:
– Да, засега планот ми е да играм. Пред десет минути, бев на терен и главата сè уште ми е жешка. Потребни ми се ден-два да размислам што сакам да правам. Немам титула во овој период од сезоната. Тоа е нешто на што не сум навикнат. Повеќето сезони ги започнував или освојувајќи го Австралија опен или триумфирајќи во Дубаи. Морам да ја прекинам црната серија, не сум ни блиску до мојот максимум – рече Ѓоковиќ, кој го има освоено турнирот во Мајами шест пати, последен пат во 2016 година.
Италијанецот Јаник Синер го претрпи првиот пораз оваа сезона. Додуша не во сингл, туку во двојки на Индијан Велс, а партнер му беше колегата од Дејвис куп-тимот на Италија, Лоренцо Сонего. Италијанската комбинација загуби од Марсело Гранољерс од Шпанија и од Орасио Себаљос од Аргентина со 7:6, 6:3. Ова му беше прв настап на Синер во двојки на турнир од минатата есен, кога играше со Алекс де Минор во Пекинг.
Сепак, поважно за него е осминафиналето во сингл со Американецот Бен Шелтон. Сезонава има скор од 14:0, а ако се смета и крајот на минатата година, непоразен е на последните седумнаесет меча.
– Во моментов играм со голема самодоверба, но на некој начин сум и многу претпазлив, бидејќи лесно може да се смени текот на мечот – изјави Синер.