Малкумина очекуваа дека Френсис Нгану ќе го собори Тајсон Фјури, а токму тоа се случи во третата рунда од нивната боксерска пресметка минатиот викенд во Ријад.
Поранешниот шампион на УФЦ го удри „Џипси Кинг“ со лево кроше кое заврши со нокдаун, но Фјури стана и на крајот победи со поделена одлука на судиите. Британскиот тешкаш го пофали настапот на Нгану, а истакна дека тоа е неговата најтешка борба во последните десет години.
„Тој е добар борец, ми даде многу добар меч. Тренирав и добро се подготвував, како и Нгану“, изјави Тајсон Фјури и продолжи:
„Тоа е боксот – понекогаш имаш добри денови, а понекогаш не. По мечот продолжувате понатаму. Да не тренирав толку напорно како што тренирав, веројатно ќе загубев“.
Светскиот шампион не е задоволен од својот настап, како и многубројните љубители на боксот, а тоа го припишува на долгата пауза од неговата последна борба. Последниот меч на Фјури пред Нгану, беше во декември минатата година кога со прекин го совлада Дерек Чисора.
„Чувствував дека имам лош тајминг. Повторно бев надвор од рингот речиси една година. Само малку сум зарѓал. Тоа беше далеку од мојот најдобар настап“, додаде Тајсон Фјури.
Потврдено е дека нема сериозни повреди кои би ја спречиле веќе потпишаната борба противУкраинецот Александар Усик.
„Имам само некои површни модринки. Имаше мал судир на глави и тој ме удри неколку пати. Ништо важно. Нема сериозни повреди“, истакна „Кралот на Циганите“.
Промоторот на Фјури, Френк Ворен изјави дека 23 декември, како потенцијален датум за борбата против Усик, засега отпаѓа.
„Одлуката ја оставам на мојот тим и на момците кои ја промовираат. Прво ќе одморам, па ќе се вратам во теретана“, рече Фјури и порача:
„Усик, подготви се, ќе ја организираме најголемата борба на нашата генерација“.