Министерството за транспорт и врски ќе му помогне на АД „Македонска пошта“ да воспостави финансиска стабилност до Нова година, што ќе значи стабилизирање на технолошкиот процес и враќање на дел од долговите. Ова е во насока на барањето на генералниот директор на „Македонска пошта“, Орхан Куртиши, да добијат од Владата 5 милиони евра, како привремен излез од финансиската криза.
АД „Македонска пошта“ е загубар, континуирано, од 2017 година и во овој период, а заклучно со 2023 година, се акумулирани загуби од 17 милиони евра. Во извештајот што го направија од ДЗР, објавен минатата недела, беше нагласено дека континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и на идното работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајно, уредно и квалитетно вршење на дејноста, како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.
Од ресорното Министерство имаат побарано од новиот менаџерски тим на Пошта да подготви план и програма за работа за наредниот период.
– Работиме на реорганизација и реформи во работењето на „Македонска пошта“. Кога станав министер, 4.400 вработени не земаа плата од „Македонска пошта“, „Железници Транспорт“ и „Железници Инфраструктура“. Сега редовно земаат плата, а некои го протолкуваа тоа дека не е голема работа и се согласувам дека не е. За да се направи каква било реформа и организација, прво треба да им се плати на луѓето за тоа што го сработиле. Бидејќи тој проблем е решен, сега одиме на реорганизација на овие три претпријатија, и го правиме тоа интензивно. Можам да кажам дека ќе ги видите резултатите на Пошта по Нова година и за периодот од август до декември ќе видите една огромна промена, а тоа е период откога има ново раководство во Пошта – истакна министерот за транспорт, Александар Николоски.
Во врска со наводите на Државниот завод за ревизија за состојбите во Пошта и за зголемување на менаџерските плати на претходното раководство, Николоски истакна дека сега на потег е Јавното обвинителство, да ја испита работата на претходното раководство по наводите од државната ревизија.
– Државниот завод за ревизија го констатираше тоа, сега на потег е Обвинителството, затоа што извештите на ДЗР одат во Обвинителството. Исто така, го повикувам Обвинителството да влезе и да утврди одговорност за сите што не работеле одговорно и правеле криминал во Пошта. Но, исто така, би сакал да ги повикам и ДЗР и ЈО да ја испитаат и работата на Агенцијата за пошти, која треба да биде регулаторно тело, а таа е сè, освен регулатор, и да видат како се издаваат лиценци за работење на приватни пошти, кои работат буквално од подрум. Дај Боже, намерата на претходната власт да била приватизација на Пошта, иако јас не се согласувам со тоа. Но нивната цел не била приватизација, туку пропаѓање на Пошти и отворање на неколку приватни пошти – изјави министерот Николоски.
(С.Бл.)