Можат ли Македонија и Бугарија да се најдат на половина пат?!  

Скопје и Софија можат да се договорат за одложено дејство – Бугарија да не става вето за Македонија да може да ги започне преговорите со ЕУ, а земјава паралелно да работи на исполнување на Копенхашките критеруми и во меѓувреме да стапат на сила уставните измени и двете земји да останат пријателски, порача македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова. Таа побара добра волја од Бугарија да не го употребува ветото за тоа што со Преспанскиот договор е веќе забрането – историја, култура, наследство. Според Сиљановска-Давкова, илузија е дека кога ќе ги запишеме Бугарите во преамбулата на Уставот, ќе тргне евроинтегративниот процес на Македонија. Во однос на Преспанскиот договор, македонската претседателка истакна дека македонската страна многу одговорно се однесува кон Договорот, но, вели, во Грција не видела натпис со „Северна Македонија“

101

Преговарачката рамка е правен факт, но може да се направи нејзина интерпретација, порача македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, коментирајќи за можното репреговарање на преговарачката рамка. Претседателката побара добра волја од Бугарија да не го употребува ветото за тоа што со Преспанскиот договор е веќе забрането – историја, култура, наследство. Таа истакна дека Скопје и Софија можат да се договорат за одложено дејство – Бугарија да не става вето за Македонија да може да ги започне преговорите со ЕУ, а земјава паралелно да работи на исполнување на Копенхашките критеруми и во меѓувреме да стапат на сила уставните измени и двете земји да останат пријателски. Сиљановска-Давкова вели дека и во ЕУ се развила широка дебата за деблокирањето на проширувањето и се појавиле „нон-пејпер“ и студии како да се ограничи употребата на ветото заради ова што се случува. Таа потсети дека во ниту еден член од Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија не пишува дека треба да го менуваме Уставот и да ги внесеме Бугарите.

– Не можам да тврдам дали ќе ги убедам, но јас имам обврска, како претседателка, да ги бранам државните и национални интереси и да се обидам да ги убедам. Јас имам проблем со оние што не се обиделе ништо да предочат од ова што го зборувам и сега повторно веруваат дека уште ова, уште да го смениме Уставот и проблемот ќе го решат. Ако некој мисли дека во моментот кога ние ќе ги запишеме Бугарите во преамбулата на Уставот, готово ќе тргне процесот, тогаш мислам дека е тоа повторно една илузија. Ако ние сме поминале низ една тешка одисеја на промена на името, на неуспешен референдум, на пратеници што на многу чуден начин гласаа. Сето тоа треба да се има предвид за да се убеди… Значи, сите страни треба да бидат на потег. Може одложено дејство, може толкување, да почнеме ние преговори да не става Бугарија вето за да изградиме пријателски односи, ние ќе брзаме во исполнувањето на Копенхашките критериуми, Бугарија ќе покажува добра волја, нема да нè кочи и така ќе се сретнеме побрзо. Ем ќе стапат на сила измените ем ние ќе бидеме пријатели – изјави македонската претседателка во гостување во „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“.

Бугарите во Уставот без одложување

За разлика од пораките за „добра волја“ на Сиљановска- Давкова, вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев, на сослушувањето во бугарското Собрание во средата повтори дека внесувањето на Бугарите во Уставот е единствен начин за напредок на земјава во евроинтегративниот процес.

– Бугарската Влада стриктно се придржува до ставот потврден со одлуката на Националното собрание од 24 јули 2022 година, со кој се определуваат условите под кои Република Бугарија може да поддржи каков било чекор од процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Усвојувањето и итното стапување во сила на уставните измени, со кои Бугарите ќе бидат впишани со другите народи, е незаобиколив предуслов за понатамошен напредок во евроинтегративниот процес на Скопје – изјавил Главчев.

Тој се пофали дека Софија има поддршка и од партнерите во ЕУ, а, на состанокот на Европскиот совет на 27 и 28 јуни, Бугарија доживеала своевиден успех и добила поддршка од Грција за ставот кон Македонија.

– За прв пат кон нашето мислење се приклучи и Грција. Имено, грчкиот премиер изјави дека прашањето што го поставил бугарскиот премиер го натерало и тој да изрази мислење дека РСМ не го почитува Договорот од Преспа – истакнал Главчев.

„Скопиа“, „ФИРОМ“ не е во духот на Преспански

Во однос на Преспанскиот договор, македонската претседателка во телевизиското гостување на „Канал 5“ истакна дека македонската страна многу одговорно се однесував кон Договорот, но, вели, во Грција не видела натпис со „Северна Македонија“.

– Го имаме Преспанскиот договор. Се смени Уставот, сменивме документи и за надвор и за внатре, дури и шахтите ги сменивме, но кога во Договорот има две страни, треба и другата страна да покаже кооперативност. Јажето има два краја и обично двајца го влечат. Ние мислам дека многу одговорно се однесувавме кон Преспанскиот договор, реализиравме обврски дури и пред да истечат роковите, но не сум сигурна дека Грција го стори тоа, таму ќе видите „Скопиа“, „ФИРОМ“, но не и „Северна Македонија“ – рече претседателката.

Во врска со тоа што на заклетвата за шеф на државата не кажа „Северна Македонија“, Сиљаноска-Давкова нагласи дека не терала инает, ниту сакала некого да нервира, туку се однесувала сократовски.

Грчките медиуми со внимание го следеа првото интервју на Гордана Сиљановска-Давкова по нејзиното стапување на претседателската функција. Го пренесуваат ставот на претседателката дека има право да го користи терминот „Македонија“, како и дека „името е најголемиот идентитетски знак“. Дел од медиумите обвинија дека изјавата дека земјава го почитува Преспанскиот договор, но се сомнева дали истото важи и за Грција, е „директна провокација“. (В.С.Н.)