Лоши прогнози за глобалната економија, а особено во земјите во развој, стигнаа од шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, пред есенските средби на Фондот и на Светската банка.

– Нашите прогнози укажуваат на тешка комбинација на слаб раст и на висока задолженост – тешка иднина. Растот во целина нема да биде доволен да се искорени сиромаштијата во светот, да се отворат потребниот број работни места или да се генерираат даночни приходи потребни за сервисирање на огромниот долг и за финансирање инвестиции – рече Георгиева, посочувајќи на мешаните економски прогнози за главните светски играчи.

Според неа, високите цени непропорционално ги погодуваат сиромашните, а конфликтот на Блискиот Исток може да ескалира и да ги дестабилизира регионалните економии и светските пазари на стока.

Наспроти црните прогнози од ММФ, рускиот претседател, Владимир Путин ,најавува раст на глобалната економија во наредните години, и тоа благодарение на групата земји вклучени во БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), на кои им се приклучија Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати. Путин се надева дека ќе го изгради БРИКС како моќна противтежа на Западот во глобалните политика и трговија.

– Групата БРИКС ќе генерира најголем дел од глобалниот економски раст во наредните години благодарение на својата големина и на релативно брзиот раст во споредба со развиените западни земји – изјави Путин во петокот.

Путин рече дека 30 земји ширум светот изразиле интерес за соработка со групацијата БРИКС и дека на самитот следната недела ќе бидат разгледани можните опции за натамошно нејзино проширување.

– Вратата е отворена, ние не му браниме никому – изјави Путин пред новинарите од земјите на БРИКС.

Рускиот претседател се обиде да промовира нови руски транспортни мегапроекти, како што се Арктичкиот морски пат и коридорот Север – Југ, поврзувајќи ја Русија со Заливот и Индискиот Океан, преку Каспиското Море и Иран.

– Тоа е клучот за зголемување на товарниот транспорт меѓу евроазискиот и африканскиот континент – рече тој.