Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри финансиска поддршка за нашата земја, преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра. Преку овој инструмент се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот ковид-19, соопштија народната банка и Министерството за фианнсии.
-Како и поголем дел од економиите во глобални рамки, и македонската економија привремено ќе биде погодена од појавата на новата вирусна инфекција. Ефектите ќе се почувствуваат и преку намалувањето на глобалната побарувачка, но и преку прилагодување на домашната побарувачка, во услови на неизвесност и преземени мерки за ограничување на ширењето на вирусот. Слично како и во другите економии, ваквиот контекст наметнува потреба од прилагодување на макроекономските политики за привремена и целна поддршка на економијата. Користењето на средствата од ММФ е важен елемент за спроведување на овие политики, обезбедувајќи дополнителни финансии за буџетска поддршка, како и поддршка на девизниот потенцијал на економијата, се вели во соопштението/
Во контекст на политиките, ММФ истакнува дека Народната банка, во рамки на својот мандат реагираше брзо за соодветно да одговори на економските предизвици поврзани со ковид-19. Покрај намалувањето на референтната каматна стапка и целните промени во задолжителната резерва, ММФ ги издвојува и регулаторните измени со коишто се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити погодени од корона-кризата, притоа запазувајќи го прудентниот пристап во управувањето со ризиците.
ММФ се осврнува и на преземените фискални мерки за заштита на ликвидноста на компаниите и за обезбедување социјална заштита за погодените домаќинства. Притоа одделно се нотирани мерките донесени од Владата со коишто се намалуваат непотребните расходи во овој период и се обезбедуваат натамошни финансии за здравствениот сектор. Од ММФ се разгледани и мерките со коишто се промовира сигурност на работните места и стабилност на пазарот на трудот.
Во рамки на комуникацијата со ММФ се потенцира посветеноста на носителите на политиките за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, и за зголемување на потенцијалот за одржлив долгорочен раст на македонската економија. Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, ММФ позитивно го оценува зајакнувањето на ликвидноста и на капиталната позиција на системот во изминатиот период, што сега обезбедува гаранција за заштита од потенцијалните загуби заради корона-кризата. Притоа, укажано е и на потребата банките и понатаму да обезбедуваат финансиска поддршка на економијата, во претстојниот период, заради што е неопходно својата капитална позиција и ликвидноста да ги одржуваат на адекватно ниво.