Голем инцидент се случил на кошаркарски натпревар во средно училиште во малото гратче Литонија во предградието на Атланта.

Младите кошаркари на едната екипа не беа задоволни од одлуките на судијата, па веднаш по натпреварот истрчаа на теренот физички да се пресметаат со него.

Судијата почна да се повлекува за да избегне конфликт, но групата момчиња не се откажа од намерата. Тие го соборија судијата на земја и почнаа немилосрдно да го удираат по стомакот и главата.

Несреќниот судија се здобил со тешки повреди на главата. Веднаш бил префрлен во болница и добил 30 конци.

Полициската управа на округот Декалб го истражува случајот, а според извештајот, извршителите на инцидентот се малолетни и засега никој не е уапсен.