Словенија има стратегија за вработување и веќе трет пат организира во Македонија саеми за регрутирање работници за потребите на фирми во Словенија. За разлика од Словенија, која има однапред смислена стратегија и знае колку, какви работници и од каде да ги увезе, нашата држава, за жал, нема ваква стратегија. Експертите коментираат дека поради тоа, нашите работници бегаат надвор од државата, а кај нас доаѓаат Непалци, Индијци, Пакистанцим кои не може да се интегрираат во општеството, бидејќи имаат друга култура, друг јазик… Податоците покажуваат дека за две години и 10 месеци, во државава легално се вработиле 11.400 граѓани од Македонија. Експертите коментираат дека не се само платите и подобрите услови за живот пресуден фактор за иселување. Главни причини, пред сè, се високата корупција, нефункционирањето на правниот систем, непотизмот….
– Словенците бараат работна сила претежно од балканските земји, која може побрзо и полесно да се интегрира поради културната, јазичната блискост…Секоја земја сака да го реши проблемот на подолг рок и Словенија го прави тоа смислено. Македонија, за жал, нема национална стратегија за потенцијален регион од каде што би интегрирала работна сила. Порано, некој се лажеше дека ќе најдеме работници од Украина, Молдавија, Грузија и од другите поранешни советски републики. Нивниот стандард е повисок од нашиот и никој не сака да дојде да работи кај нас. Недостигот е сериозен проблем и државните институции и бизнисот треба да седнат на маса и да изнајдат решенија за проблемот. Ова што ни се случува сега, со увозот на работници од Индија, Непал, Пакистан, е една турли-тава, која нема никаков успех и на долгорочен и на краткорочен план – изјави за весникот ВЕЧЕР Зоран Кочовски, директор на агенцијата за вработување во странство „Коузон“.
Според него, со регрутирањето работници од Македонија, Словенија ќе си го реши проблемот долгорочно, а Македонија ќе загуби многу со тоа што ќе остане без потенцијалната работна сила.
– Во Словенија ќе отидат 30-40 илјади работници од регионот и тие долгорочно ќе ги задоволат потребите на стопанството за работна сила. Од друга страна, најголем дел од оние работници што ќе отидат таму на работа поради подобрите услови за живот и повисоките плати, ќе останат таму и ќе се интегрираат во општеството. Парите што ги заработиле во Словенија ќе ги инвестираат во купување куќи, станови, ќе плаќаат даноци, такси, комунални трошоци… Тоа е значаен придонес за економијата на државата – вели Кочовски.
Тој вели дека друг проблем е демографската структура. Балканците се бели луѓе и да останат во Словенија, може да се интегрираат во општеството, за разлика од нив, Индијците, Пакистанците… освен што не може да се интегрираат во нашето општество поради различните култура, јазик…, долгорочно може да ја сменат демографската структура во државата.
Експертите коментираат дека 60-70 отсто од Македонците одат за повисоки плати, а другиот дел се разочарани од економските услови во државата и се иселуваат фамилијарно. Но, има и такви што одат на сезонска работа или на студирање и, најчесто, поголем дел од нив остануваат во Словенија.
Тие се прашуваат како е можно да доаѓаат странски лица и агенции во државата и да регрутираат работници без да имаат законско право за тоа.
-Државата треба сериозно да размисли за проблемот со недостигот на работна сила, со кој се бори и Европа. Жалосно е ова што ни се случува, други држави да ни го собираат „кајмакот“. Добрите работници и добрите студенти си одат од државата. Веќе не станува збор само за повисоки плати и за подобри услови за живот туку и за квалитетен живот, правен систем, чист воздух, нормален живот, кој во Македонија веќе го нема. За жал, во иднина сè поголем ќе биде бројот на оние што ќе си заминуваат од државата поради високата корупција, нефункционирањето на правниот систем, непотизмот… – изјави аналитичарот Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР.
И работодавците се согласуваат дека веднаш треба да се преземат реформи за создавање поплатени работни места, зголемување на платите, подобар животен стандард…
– Кога ќе се средат проблемите кај нас и кога нема толку да заостануваме од европскиот просек на плати, се надеваме дека трендот на иселување на работната сила ќе запре. Инаку, факт е дека во државата недостигаат огромен број работници од разни квалификации. Ако имаме добра економија и европски плати, секако дека процесот на иселување ќе запре. Меѓутоа, од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите – изјави Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Словенија годишно има потреба од 150.000 нови работници. Се бараат доктори, негуватели, медицински сестри, возачи, градежни работници, водоинсталатери. Словенечките работодавци велат дека во Македонија има соодветен кадар и голем интерес за работа.
– Само минатата година баравме повеќе од 5.000 работници. Најмногу ни се потребни кадри од здравството, транспортот, производството, туризмот. Сега, за десет месеци се издадени 3.600 единствени дозволи за работници од Македонија. Tаква е состојбата во цела Европска Унија, поради негативните демографски трендови – велат претставниците од Заводот за вработување во Словенија.
Интересот за работа во Словенија е голем, а понудите примамливи. Граѓаните велат дека се заинтересирани за заминување, пред сè, поради условите за работа и повисоките плати. Освен за работа, се нудат можности и за дообразование, обуки и специјализации, а се води сметка и за оние што сакаат да се преселат со семејствата.
(А.С.)