Младите не сакаат да работат во фабрика, ни за плати над 1000 евра

Компаниите од металната индустрија, индустријата за производство на челик и во рударството мака мачат да најдат работници и покрај тоа што платите се високи и се движат од 50 до 90 илјади денари. Работодавачите велат дека не можат да се потпрат на младите, бидејќи се неодговорни и ги интересира само платата, а не можноста за напредување во професијата. Според нив, во некои сектори каде што е тоа изводливо недостигот од работна сила се пополнува со пензионери, но има сектори во индустријата и рударството каде што тоа не е можно, бидејќи се работи за тешка физичка работа

2667

Во некои сектори во државата и покрај високите плати нема интерес кај младите за работа. Компаниите од металната индустрија, индустријата за производство на челик и во рударството мака мачат да најдат работници, а платите се движат од 50 до 90 илјади денари. Работодавачите велат дека не можат да се потпрат на младите, бидејќи се неодговорни и ги интересира само платата, а не можноста за напредување во професијата. Поради тоа, дел од компании каде што е тоа изводливо недостигот од работна сила го пополнуваат со пензионери, велат нашите соговорници.

-Платите во некои приватни компании од индустријата се повисоки од просечната, но младите не сакаат да работат. Во металната индустрија, индустријата за производство на челик и рударството има недостиг на работна сила, а просечната плата изнесува околу 1.000 евра. Во рударскиот сектор платите се нешто повисоки од 80 до 90 илјади денари, а во металната индустрија и индустријата за производство на челик се движат од 50 до 60 илјади денари. Некои подобростоечки компании прашањето со недостиг на работна сила и нови вработувања го решаваат со давање на стипендии на ученици кои потоа работат во нивните компании, изјави за весникот ВЕЧЕР, Игор Герасов, претседател на Синдикат на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР).

Тој додава дека недостигот на работна сила во овие сектори не може да се надополни со пензионери, бидејќи се работи за тешка физичка работа која не можат да ја работат постари работници.

-Во овие сектори не може да се ангажираат пензионери, бидејќи се работи за тешка физичка работа, работниците имаат бенефициран стаж и одат во пензија на 55 години. Може да се ангажираат некои пензионери само во администрација, но не и во производство, вели Герасов, и додава дека е добро што трендот во образованието почна да се менува и сè повеќе млади се запишуваат во средните стручни училишта.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија, вели дека во државата има недостиг на професионална ориентација и оти младите не знаат што сакаат.

-Точно е тоа дека во многу сектори, особено во индустријата има недостиг на млади работници. Причина за тоа е што младите се неодговорни и ги интересира само платата, а не можноста да напредуваат во професијата. Голем дел заминаа на работа надвор од државата, а оние што останаа, не сакаат да да работат за мали плати. Недостигот на млади работници особено е присутен во металната индустрија, металопреработувачка индустрија, индустрија за храна, угостителството и туризмот, вели Бошков за ВЕЧЕР.

И тој вели дека во некои сектори пензионерите можат да ги заменат младите, но не е исто на пример во угостителството кога како келнер работи некој помлад или некој од 50 – 60 години.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија смета дека во услови кога недостига работна сила во државата, во повеќе сектори и компании, ангажирањето пензионери е еден од начините да се реши овој проблем.

– Во многу сектори и компании недостигаат работници и секој работодавец се снаоѓа на различен начин. Поради тоа, сметам дека во државата треба да се направат измени во Законот за работни односи за да може да се ангажираат пензионери што можат и сакаат да работат. Овој начин на надминување на недостигот на работна сила постои во многу европски држави и добро е да се воведе и кај нас, во услови на недостиг на работна сила – вели Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Во меѓувреме, многу компании во државата почнаа да ангажираат пензионери, бидејќи младите си заминаа од државата, а оние што останаа, не сакаат да работат за мали плати. Газдите велат дека повеќе им се исплати да ангажираат пензионери, кои ќе работат хонорарно за помали плати, отколку млади за кои треба да се плаќаат придонеси, кои бараат многу повисоки плати и не ја знаат работата.

(А.С.)