Многу сме горди што од нашето студио „Dancers United“ излегуваат светски и европски прваци, нашите резултати покажуваат дека Македонија веќе е велесила во светот на танцот, задоволството е уште поголемо што интересот за нашите танчари секоја година сè повеќе се зголемува, тие се веќе препознатливи како квалитетни танчари со неверојатна техника, знаење, креативност, атрактивност, вештини, костимографија… – вели Сара Кочан, официјален судија од Македонија на Европското првенство во Упсала, Шведска

Танчарите на „Dancers United“ од Македонија триумфираа на Европското првенство во Шведска и оттаму се вратија со 11 златни, 9 сребрени и 5 бронзени пехари. Ова е голем успех на репрезентацијата на Македонија која со своите 13 танчари беше на врвот во своите категории на првенството што се одржа во рамки на танцовиот натпревар Mega Dance Weekend.

Всушност, од 30 октомври до 3 ноември во Упсала, Шведска, се одржа еден од најголемите танцови натпревари Mega Dance Weekend, елитен настан со традиција од шест години, на која учествуваа 3.375 танчари од повеќе европски земји. Во рамките на натпреварот се реализираше и Европско првенство во латиноамерикански танци на Светската уметничка танцова федерација – WADF каде што боите на Македонија ги бранеа танчарите на најтрофејното студио кај нас „Dancers United“.

-Пред сè е привилегија и предизвик да се биде дел од ова елитно натпреварување, а тоа што танчарите на „Dancers United“ го покажаа на оваа европска сцена го потврдува фактот дека Македонија ги има едни од најдобрите танчари. Секој натпревар е големо искуство за нас како тренери, танчари и за мене како судија. Со голема радост ги прифаќаме поканите да учествуваме на сите позначајни меѓународни, светски и европски првенства. Ова Европско првенство во Шведска беше само уште еден показател дека танчарите од „Dancers United“ сè на врвно ниво, рамо до рамо со најдобрите во светот на танцот – изјави меѓудругото Сара Кочан, официјален судија од Македонија на Европското првенство во Упсала, Шведска.

Добитници на наградите се: во категоријата мини кидс – Су Али и Луна Дариа Кочан, кај деца – Емили Нера Кочан, Ена Ефендилер и Ада Ефендилер, кај Јуниори 1 – Нина Спасовска, Нина Андоновска и Тима Муминовиќ и во Јуниори 2 – Илина Талеска, Ангела Николиќ, Јована Несторовска, Гала Пановска и Лилјана Стојанов.

Во периодот кој следува, танчарите на „Dancers United“ ќе учествуваат на уште четири натпревара, од кои три се меѓународни, во Романија, Хрватска и Србија, а на крајот од годината ќе бидат и на натпреварот „Christmas Dance Competition 2024“ во Велес.

На 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, танцовото студио „Dancers United“, пак, ќе ја одржи својата 10. јубилејна инклузивна танцова претстава во Македонскиот народен театар, со која танчарите ја слават различноста преку танц, музика и уметност.