Младите лекари итно да се вработат во Македонија за да не заминуваат во странство!

Приватните специјализанти чекаат да се сретнат со Таравари

197

На приватните специјализанти им се допаѓа предлогот на новиот министер Таравари да седнат на заедничка маса и да ги решат нивните проблеми. Да се  реши нивниот статус, да се зголеми платата, да биде достоинствена, да се вработат и со тоа да добијат здравствено осигурување, а не да ги лекуваат пациентите, а тие да не се осигурени

 

 

Протестите на приватните специјализанти во моментов се во мирување, тие чекаат да се реализира средбата со новиот министер за здравство, Арбен Таравари, со надеж дека ќе најдат заеднички договор и решавање на нивните проблеми. Како што велат, очекуваат да бидат повикани во кабинетот на Таравари за да ги образложат своите барања. Тие сметаат дека заслужуваат повисоки плати, здравствено осигурување, но и решавање на работниот статус.

Од почетокот на својот министерски мандат, Таравари се произнесе дека ќе направи сè што е во негова надлежност да не се дозволи младите доктори да заминуваат ниту во приватното здравство ниту во странство. Тој, исто така, кажа дека што поскоро младите специјализанти треба да добијат вработување во јавното здравство и плати што ќе бидат достоинствени за лекар специјалист.

Приватните специјализанти му укажуваат на министерот да се разгледа кој специјализант во кој град живее и каде му е фамилијата, таму да биде вработен, оти така ќе биде добро и за нив и за јавното здравство. Во спротивно, како што велат, ако остане како и досега без промени, тие ќе ги спакуваат куферите и ќе заминат во странство.

Во моментов, околу 400 приватни специјализанти, и покрај негодувањето и протестите, продолжуваат да ги извршуваат своите задачи. Тие секојдневно лекуваат пациенти, а како парадокс на тоа, тие самите се без здравствено осигурување. Исто така, дежураат во болниците и по 24 часа, работат рамо до рамо со своите колеги и за тоа добиваат едвај 26.000 денари.

Лекари специјалисти од разни области, но најмногу онколози, медицински сестри, физичари, биолози, патолози се кадрите што недостигаат на скопските клиники и болниците ширум земјава. Министерот за здравство, Таравари, токму од овие причини кажа дека ќе им дадат приоритет на новите вработувања и дека ќе разговара на оваа тема и во Министерството за финансии за да се обезбедат потребните средства за нови вработувања.

– Ќе разговарам и со деканот на Медицинскиот факултет за во иднина да се стави мораториум на одредени специјализации, а да се фаворизираат специјализациите за онколози, радиолози, патолози, анестезиолози… Во Македонија има околу 50 онколози, што е многу мал број во однос на бројот на пациентите – информира Таравари.

Тој дополни дека ќе побара од Владата што поскоро да се обезбеди кадар за да се активираат онколошките амбуланти во болниците во Тетово, „8 Септември“ и Битола, укажува министерот Таравари.

Од Лекарската комора на Македонија реагираат и велат под итно да се стави крај на овие состојби, да се подобрат условите за работа, да се зголемат платите за да се задржат младите доктори дома, да не заминуваат во странство.

– Ќе нема кој да нè лекува, стручниот медицински кадар од земјава сè повеќе се намалува, ги пакува куферите и заминува за подобра плата и подобри услови за работа во странство. Оние што остануваат се на година-две пред пензија. Статистиката покажува дека Македонија на почетокот од 90-тите години располагала со околу 18 илјади лекари, а сега едвај има околу шест илјади. Тоа дефинитивно се должи на црната чума што ги зафати белите мантили изминативе десетина години. Загрижува што секоја година се зголемува одливот на здравствени работници, просечно годишно заминуваат од 200 до 250 лекари, а дополнителен е бројот на медицински сестри и на болничари – велат од Комората. 

Таравари повторно најавува:Многу скоро ќе има нова позитивна листа на лекови

Нова позитивна листа на лекови и нов закон за лекови најави министерот за здравство, Арбен Таравари, на почетокот од својот мандат. Тој смета дека во иднина, еднаш годишно треба да се прави ревидирање на листата на лекови што се на товар на државата.

– Мислам дека таа листа треба да се обновува секоја година, меѓутоа ќе излеземе и со нов закон за лекови со кој ќе обезбедиме квалитетни лекови во државата, но истовремено ќе побараме и рационално користење и препишување на лековите. Ни треба период со експертите, можеби и со претставниците од сите поголеми политички партии, здравствени комисии, да седнеме да направиме еден закон што ќе биде одржлив и прифатлив за сите за следните десет години – смета министерот Таравари.

Целта на измените ќе биде секоја болница во секое време да ги има потребните лекови, но нагласи дека особено ќе внимаваат на злоупотребите со лекови, сметајќи дека решение за тоа е дигитализацијата.

– Треба интензивно да работиме и на дигитализација на здравството. Евентуално да се стават кодови на лековите за да имаме комплетна контрола и за да има заеднички информатички систем за приватните и за државните јавни установи, стоматолошките, фармацевтските, а тука ги вклучувам и лабораториите, комплетно сè да биде дигитализирано и под контрола – вели министерот Таравари.

Претходните министри најавуваа позитивна листа на лекови, но измени не се направија.

Министерство за здравство:Огнен Костовски – нов директор на Дигестивна

Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, во изминативе неколку дена именуваше нови в.д. медицински директори во неколку јавни здравствени установи.

Така, на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија за директор е именуван проф. д-р Огнен Костовски, а на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија за директор е именуван прим. д-р Оливер Зафировски. Нов директор има и Универзитетската клиника за детски болести, каде што за директор е именуван д-р Реџеп Мемеди. Во Градската општа болница „8 Септември“, за директор е именуван професор д-р Синиша Стојаноски, кој доаѓа на местото на Христијан Костов.

(В.Ма.)