МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ… СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Ќе одам, па Јана мајка да е

651

Колку често сте се фатиле себеси како дозволувате временските (не)прилики да ви ги променат (или одложат) плановите, активностите или долгоочекуваните настани, кои туку така остануваат нереализирани, само затоа што не сте биле одлучни и сте си дозволиле да бидете предомислени (условени) од временските околности… Одн. дали одеднаш времето многу се стоплило, или заладило…

Колку ваши пусти желби завршиле неславно само затоа што не сте имале доволно волја и желба да го занемарите времето и наглите промении да излезете од комфорната зона? Многу, верувам!

Пречесто, луѓето  не се свесни дека своите одлуки и избори ги прават споредвременската прогноза. Ги поврзуваат со сонцето или со дождот.Демек, ако е сончево ќе го наштимам расположението на фреквенција на среќата,  а ако почне да врне, одма, од старт ги губам сите причини за да бидам среќна и автоматски станувам несреќна. (Што би рекле Битолчани – болен, без болест!)

За жал, според многу статистики, временските услови се еден од најчестите изговори поради кои многумина се откажуваат или предомислуваат. Дури и кога нешто им е многу важно. Заради јакото сонце, или заради силниот дожд… Се пронаоѓате ли и вие во ова?

Ако е одговорот ДА тогаш е вистински момент  можда баш денес да го промените својот став и однос кон временските околности и  без оглед на лошите или неповолни временски услови сепак да го направите она што сте го наумиле. За еден ден да не ви биде криво…

А во животот се се учи, верувајте. И најмногу (за жал) се учи од грешките… И пропуштените можности. А  за секоја една одлука  е потребно да се посветиме, да се потрудиме, а богами и да ризикуваме, особено од оној момент кога ќе забележиме дека заради нашата неодлучност и колебливост, некако сами сме си станале пречка на патот. А таа пречка, многу често е облечена во рувото наречено ОКОЛНОСТ. Околноста пак,има своја цена, која порано или подоцна се плаќа и задолжително ве води кон моментот да ви стане сеедно или небитно, нешто што всушност треба да ви е многу битно.

Затоа, кога другпат ќе ви дојде ситуација да се откажете од нешто што навистина ви е важно, а единствена пречка е топлото или ладното време, дождот или сонцето, тогаш застанете за миг и кажете си: Не, не се откажувам, и ќе одам таму кај што сум наумил(а), па Јана мајка да е!

Се разбира, тука не ги вбројувам ситуациите кога имаме екстремни крајности: силно невреме, опасност од некаква елементарна непогода или сл. Туку мислам на редовни и вообичаени климатски промени на времето кое секојдневно се менува, понекогаш и спротивно на нашите очекувања или прогнози, кои уредно ги следиме и проверуваме.Но затоа она што можеме и треба да го сториме е соодветно да го подготвиме и припремиме  нашето тело и ум на температурните разлики, на екстремни промени и на непредвидливи ситуации. Оти, како што велат старите: Не сум од шеќер та да се стопам?!

А не да се откажеме. Бидејќи најлесно од се е да се откажеме… И да си речеме: Другпат… Иако многу пати сме свесни дека за некои ситуации нема да има другпат!

И не случајно баш денес ми стежна сето ова на срце, па зедов да ви пишувам… Бидејќи така спонтано деновиве се присетив колку убави настани и  моменти сум откажала и прескокнала само затоа што нагло се стоплило или заладило…Затоа ви потенцирам дека ова ви го пишува жена која во минатото навистина си дозволила многу такви откажувања, премислувања, колебања и одлагања, лажејќи се себеси дека ќе има ДРУГПАТ… Иако еден дел од мене беше свесен дека (за некои работи) нема да има другпат! Како што нема втора шанса за прв впечаток!

Од тие причини денеска одлучив да си нурнам во „бунарот“ од грешки и одлагања и да ве предупредам и  потсетам да не дозволувате и вие да се залажувате себеси со изговорите ДРУГПАТ, кои се облечени во рувото на НИКОГАШ… Затоа што мудрите луѓе не случајно кажуваат дека ако за нешто во животот вистински жалат, тоа не се оние ситуации кои ги направиле а биле погрешни, туку вистински жалат за нештата кои не ги направиле…А требале, дури и по цена да згрешат..

Ете и јас (иако не се сметам за претерано мудра) се приклучувам кон  друштвото на луѓе кои вистински жалат за ситуациите кои не си ги дозволиле… Ги одложиле…За сите оние нешта кои ги откажав, немав храброст, се предомислив, и  не ги направив… Бидејќи одеднаш заладило, или се стоплило.. Дувало или врнело…

Од друга страна пак не жалам за грешките кои ги направив… А богами  ги имало поприлично многу… Но сите тие биле неопходни да ми се случат, да ме научат, за денес да ги сместам во фолдерот  ЛЕКЦИИ… А лекција по лекција, ете ти цела колекција! И од дното на душата верувам дека сум морала да ги направам, па Јана мајка да е!

Затоа драги мои престанете дасе криете позади изговорите: па топло е не може, па не било веќе топло туку заладило и уште едн куп празни муабети… Зошто таквиот начин на размислување ќе направи од вас мрзоволно, неодлучно  асоцијално битие без став, без желби, соништа и предизвици… После 2,3 такви ваши колебливи одлуки сериозно ќе почнете да му се плашите на сонцето затоа што свети, дури и кога немате никаква опасност од него. Со иста мера ќе го презирате и дождот, дури и кога тој е умерен и е вистински благослов за почвата, за воздухот, за природата.

Затоа не се ставајте во никакви рамки и ограничувања, ами кренете ги рампите, излезете од глупавите обрасци кои (не)свесно сте си ги наметнале и радувајте му се и на сонцето и на дождот подеднакво. Бидејќи тие се составен дел од природата, и без нив нема живот…

И тргнете храбро таму кај што се наумиле, па Јана мајка да е!

( авторот е ТВ лице)