Замислете си дека сте се пријавиле на некој конкурс, да бидете член на некоја експедиција која планира да посети друга планета, каде ќе имате можност да ја пронајдете вашата сродна душа или идеална половина… Љубопитството проработува во вас и час поскоро се пријавувате на конкурсот. Па кој не би посакал да си ја проба среќата и да се обиде да ја пронајде својата сродна душа?
Затоа почнувате малку да истражувате и дознавате дека сите информации за таа планета говорат дека таму постои живот, и дека луѓето кои таму живеат физички се многу слични на нас и не се опасни по живот.
Откако ве известуваат дека сте примени на конкурсот и добредојдени сте како член во нивниот екипаж, на вашата среќа ѝ нема крај. Славите, се радувате и замислувате каков ќе биде човекот на вашиот живот, доколку навистина имате среќа да го сретнете таму, на другата планета. Се подготвувате внимателно, се поздравувате со најблиските дома и тргнувате во пресрет на вашата судбина.
После долг и напорен пат низ вселената стигнувате до непознатата планета, каде „љубезно“ ве пречекуваат нивните жители. Сите се мажи… Зачудувачки, тие го зборуваат истиот јазик, како нашиот. Ви се верува?! И во првичната комуникација, додека се претставувате и кажувате по неколку реченици за животот на вашите планети, целата комуникација тече некако лесно. Интересно. Дури одвреме-навреме забележувате дека малку како да ви затреперува срцето. Но, како поминува запознавањето и дружењето, така дијалогот со нив почнува да трокира и да добива „црни точки“. За многу кратко време почнувате да станувате „изгубени во преводот“, иако како што рековме тие го зборуваат потполно истиот јазик, како нас – земјаните. Секој момент ви доаѓа да повикате тумач, одн. посредник во разговорот, оти забележувате дека исти зборови за вас имаат едно, а за нив потполно друго значење. Хмм, си викате: Можно ли е ова? Потполно ист збор, јас го толкувам на еден, а тој на сосема поинаков начин?
И така почнувате да се прашувате: А да не се прави овој на „удрен“ и нешто да не ме зафркава, а јас овде испаѓам „плавуша“ и демек не ја сфаќам шегата?!
Но, муабетот воопшто не е за шегување. Сериозно доаѓате до сознание дека за да научите како да комуницирате со жителите на другава планета изгледа ви е неопходно да го прочитате нивното „упатство за употреба“. Исто, како кога купувате некој електричен апарат, телевизор или што и да е, треба да прочитате како да ракувате со него. Чекор, по чекор.
Затоа што недоразбирањата со чудниве жители, (кои навидум изгледаат исто како нас), нема крај… Вие едно зборувате, тие друго сфаќаат. На пр. вие покажувате желба за отворено пријателство и дружење, тие мислат дека им изразувате љубов. Вие се грижите дали им е добро, а тие мислат дека сакате да им влезете во личниот простор и да ги напнувате. Вие сакате да поминувате што е можно повеќе време со нив, а тие сфаќаат дека сакате да им ја одземете слободата. Вие се обидувате да ја акцентирате нивната љубопитност, а тие ја толкуваат како критика. Потоа, вие сакате да им ставите до знаење дека ви значат, а тие го толкуваат како љубомора и завист. И што повеќе анализирате како оваа раса од другата планета комуницира меѓусебно, толку повеќе разлики забележувате во комуницирањето помеѓу жителите на вашата раса. Колку што вие се трудите да ги искажете вашите чувства, толку таа раса се труди да ги сокрие истите. И така се отвораат еден куп недоумици и прашалници. Каква е оваа раса? Зошто има тенденција да ги превртува значењата на едни сосема исти зборови? Што им недостига на овие луѓе што не можеме да најдеме заеднички јазик?
И колку повеќе време поминувате со нив, дотолку повеќе вашите фрустрации растат.
Кога конечно вие и вашиот екипаж го договарате денот кога треба да ја напуштите планетата на мажите и да се вратите назад на вашата планета, тие почнуваат да ве молат да останете и да се однесуваат понизно и зависно од вас… Се растажуваат, ве молат и ве убедуваат дека им било толку прекрасно додека сте биле нивни гости, што не знаат како ќе го преживеат вашето заминување. Цело време додека гостинките беа покрај нив се правеа како да им е сеедно, а сега велат дека се несреќни поради нивното заминување.
Наспроти сите нивни солзи, молби и убедувања да останете, вие се поздравувате и одлучувате да заминете. Со тешко срце влегувате во вашиот вселенски брод и поаѓате назад, од каде што дојдовте.
И не дека не ви недостигаат нивните чудни реакции на кои како-така навикнавте, како и на нивните беспричински префрлувања или негодувања. Сфаќате дека сте морале да ги напуштите, за да си дадете време и простор да одлучите. На која планета сакате да го поминете животот, на вашата или на нивната планета?
Во меѓувреме додека вселенскиот брод плови низ вселената, се вклучува љубезен женски глас преку интерфон и на сите припаднички во експедицијата им се заблагодарува за учеството и за храброста што учествуваа во оваа мисија, во која тргнаа во потрага по својата среќа. Посетата на планетата на мажите не беше лесна, ниту можеше да се предвиди на какви непознаници ќе налетаат влегувајќи во неистражената планета полна со прашалници. Повеќето од нив имаат проблем да ги искажат своите емоции или ги искажуваат на сосема погрешен начин. На многумина, иако премногу им е дошло да бидат покрај некоја, нема да го покажат тоа. Напротив, ќе се однесуваат како да им е сеедно. Други пак се однесуваа како да е жената трофеј, па треба да го освоиш и да го оставиш во витрина да собира прашина.
Ете тоа е тоа, што гостинките, од планетата на жените ги стави во недоумица, и ги натера да размислуваат да го простудираат упатството за употреба на овие луѓе. Отсуството на храброст кај мажите (чест на исклучоци) да се борат да го освојат и непрестано да го освојуваат срцето на жената, ги демотивира жените, кои се подготвени да ја преораат вдолж и попреку целата вселена, само за да ја пронајдат својата сродна душа и љубовта на својот живот. И не се срамат да ги искажат своите чувства. Пред целиот свет и тоа гласно… Што погласно!
Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…
( авторот е ТВ лице)