МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА:  За „Мир во куќа“

930

Како жена на која вечна провокација и мотивација за анализирање и се машко-женските односи и сè она што едните прават за другите, а не мораат, денес понеделнички ќе ве потсетам на сè она што ние жените (не)свесно го жртвуваме во име на љубовта, поради децата, заради мирот во куќа или што и да е. А не мораме и не смееме. Тука, веднаш на памет ми паѓа една речница што често пати ја слушам од една моја постара пријателка која вели вака: Женоо, јас сум ЖРТВА и во хороскоп, знаеш ли ти?! А мене, верувале или не, да не ми е смешно сето тоа кога ја слушам, би ми било жално, бидејќи еднаш веќе ви зборував за жените кои влегуваат во филмот на жртви, и на некој чуден забеган начин како да уживаат во улогата на жртва, тотално несвесни дека со таквиот однос кон себе не само што градат „имиџ“ на жртва (немоќна и неспособна да промени било што) туку и од своите деца создаваат жртви, и тоа не обични жртви, туку жртви со 5*****.

Затоа денес, со  полно право ќе ги „изрибам“ и искритикувам  жените кои се ставаат во позиција на жртви, оние на кои како да им е цел да магистрираат и да докторираат на темата „Жена жртва“ и дозволуваат по сопствен избор да го поминат животот со наведната глава, со скршени соништа, без идеали, (понекогаш) со модрици на лицето и телото, а уште пострашно и со модрици во срцето. Тие (модрици) се пострашни, од оние кои се покриваат со добар мејкап.

Е па, постојат многу причини поради кои жените (не)свесно се ставаат себеси во втор план и полека, неосетно се претвораат во жртви. Помали или поголеми.

Многу помеѓу нас жените се воспитувани од мајки и баби кои ги жртвувале своите таленти, интереси, соништа и кариери за да можат да го поддржат својот сопруг, или уште почесто заради „мир у куќа“ (доколку на лотаријата наречена брак, им се трефнал љубоморен сопруг). На тој начин сами сме си пресудиле и сме дозволиле да живееме според потребите на другиот, кој исто така (не)свесно очекува дека жената природно треба да биде на второто место во семејството. После него. Па и како да не очекуваат, кога илјадници години наназад жената била третирана како помалку важна од мажот. Дури и некои филозофи како познатиот германски филозоф Артур Шопенхауер во своите дела жената ја нарекувал „нижи род“?! Зарем е новост дека живееме во свет во кој сè уште во некои земји на жените не смее да им се види лицето, забрането им е да се поздравуваат или ракуваат со маж, немаат право на глас или пак по улица мораат  да чекорат позади својот маж, (не покрај него) во знак на понизност? Зар е тогаш чудно што некои мажи очекуваат жената да им биде понизна?

Но секако ова (за среќа) не е правило во сите машко-женски односи, ниту пак така ја третираат жената во сите земји ширум светот.

Но, што е она каде што современата жена, сакајќи да покаже дека „и е стало“ до својот маж, или „за мир у куќа“ ги прави најголемите грешки и ја губи својата улога, како жена? Според мене, еден од најголемите „смртни“ гревови во секоја врска, брак е кога жената се одрекува од своите соништа, само да му помогне на мажот да ги оствари своите. Таа на тој начин не само што се претвора во жртва, туку се претвора и во емотивен камелеон или, уште поконкретно, се претвора во празен бел лист хартија на кој мажот ќе има право да пишува што сака. Па еден ден ако му се стемни тој може и да го згужва листот, да го искине и да го фрли во канта за ѓубре. Ете, така некако се поставува жената, која се откажува од себе, заради другиот. Таа, донесувајќи погрешна одлука, која  е спротивна на сите природни закони, дозволува да биде сè што мажот ќе посака да биде (таа). Кога реков „емоционален камелеон“ конкретно мислев на тоа дека заради мажот, жената е спремна да ја фрли во ѓубре цела своја омилена гардероба (иако не ѝ е право), да ја промени фризурата, целокупниот изглед, да се спушти од штикли во патики (оти домаќинот така ја „сакал“), да ги избрише од френд-листа сите машки пријатели кои изгледаат убаво на профилна, да ги избрише од именик во телефон сите кои нему му се „сумљиви“ или често и се јавуваат без некоја посебна причина, да ги прекине или сведе на минимум контактите со многу нејзини другарки или пријателки (за пријатели ич да не ни зборуваме), да ги смени своите уверувања и ставови дури и за најбанални прашања, и сето тоа со една единствена цел, да му се вклопи во неговата „идеална визија за жена“. Демек, да биде жената од неговите соништа!

Леле, колку смешно, дури и жално звучи оваа реченица, особено кога ќе го земеш предвид фактот дека жена од соништата на секој маж, никогаш не е онаа што ја има дома, (со чест на исклучоци) туку е некоја сосема друга! И да не е смешно, би било жално… Ама од пустата потреба да му се биде СÈ на мажот што тој ќе посака, жената е спремна да направи триста глупости. А како не би, кога сè уште има мајки кои ги учат своите ќерки дека на мажот треба да му бидеш сè за да не те смени: и домаќинка во кујна, и к*рва во кревет и добра мајка на нивните деца. Не драги мои дами, на добриот маж, кој умее да сака и почитува жена, не мораш (од петни жили) да се трудиш да му бидеш СÈ. Доволно е да бидеш жена, ама вистинска… Која нема да се става во втор план, ниту ќе се однесува понизно… А уште помалку пак да го негува чувството на жртва… Биди жена – горда сопственичка на својот универзум, живот, одлуки и слобода во однесувањето. Кој треба, ќе го препознае тоа…

(авторката е тв лице)