Мишел: Во декември очекувам одлуки за проширување за некои земји од Западниот Балкан

Одлуки поврзани со проширување за некои од земјите од Западен Балкан, на Самитот на ЕУ во декември, најави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во пресрет на неформалниот Самит на Унијата во Гранада в петок, каде што проширувањето исто така ќе биде тема на разговор. Мишел потврди дека останува на неговата изјава во Блед, кога 2030 година ја постави како цел за идното проширување на ЕУ. Тој смета дека датумот е важен за да нема одолговлекување. -Без датум, имаше заедничка цел, но беше лесно да се одолговлекува и да не се донесат потребните одлуки, истакна претседателот на Европскиот совет. Во исто време, Гардијан објави пресметки според кои, проширувањето на бројот на земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Украина, ќе ги чини постојните членки повеќе од 256 милијарди евра. Цената што ќе треба да ја одвојат земјите-членки на Унијата за проширувањето е она што најмногу ги загрижува поголемиот број од државите. -Сите земји-членки ќе треба да плаќаат повеќе и да добиваат помалку од буџетот на ЕУ, предупредува секретаријатот на Советот на ЕУ

65

На Самитот на ЕУ, во декември, очекувам одлуки поврзани со проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан, во согласноат со извештајот на Европската комисија за усогласеноста на државите кандидати со реформските барања, што се очекува да биде објавен во следните недели, најави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Во интервју за португалската агенција Луса, Мишел рече и дека од Европскиот совет, ќе зависи што од извештајот на Комисијата ќе стави на маса. Претседателот на Европскиот совет порача дека самиот факт што во петок на неформалниот Самит на Унијата во Гранада европските лидери ќе „разговараат за иднината на ЕУ поврзана со проширување претставува многу моќен сигнал“. Шарл Мишел потврди дека останува на неговата изјава во Блед, кога 2030 година ја постави како цел за идното проширување на ЕУ. Тој смета дека датумот е важен, за да нема одолговлекување.

–Останувам на оваа цел и овој рок. Тоа им е јасно на сите. Зошто е важен овој датум? Затоа што тоа е јасен поттик за сите нас да се подготвиме и да ги забрзаме нашите напори. Без датум, имаше заедничка цел, но беше лесно да се одолговлекува и да не се донесат потребните одлуки, истакна претседателот на Европскиот совет.

Мишел смета и дека на декемврискиот Самит лидерите на ЕУ треба да дадат зелено светло за старт на формални пристапни преговори со Украина и Молдавија. Според него, ЕУ во последниве месеци дала јасни сигнали со тоа што на Украина и додели статус на земја кандидат за членство во Унијата.

 -Декември ќе биде важен момент. Ќе биде тежок состанок, тежок Европски совет. Не би ги потценил предизвиците… Европскиот совет во декември треба да донесе некои одлуки за Украина, за Молдавија и за тоа дали ќе ги отвориме преговорите. Испративме јасна порака не само од Европскиот совет, туку и од многу поединечни лидери дека треба да го забрзаме процесот и да ги направиме потребните напори, вели Мишел во интервјуто.

Во исто време, Гардијан објави пресметки според кои, проширувањето на бројот на земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Украина, ќе ги чини постојните членки повеќе од 256 милијарди евра. Цената што ќе треба да ја одвојат земјите-членки на Унијата за проширувањето е она што најмногу ги загрижува поголемиот број од државите.

 -Сите земји-членки ќе треба да плаќаат повеќе и да добиваат помалку од буџетот на ЕУ; многу земји-членки кои во моментов се нето-примачи ќе станат нето-придонесувачи, се наведува во документот на секретаријатот на Советот на ЕУ, што го објави Фајненшл тајмс.

Пред неколку дена, шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија, Гордан Грлиќ Радман, Александар Шаленберг и Тања Фајон, во заедничка изјава побараа почеток на преговори со БиХ, реформи во Црна Гора и напредок во преговорите со Македонија и Албанија. Министрите оценија дека приклучувањето на овие земји во ЕУ е најдобриот начин да се стабилизира ситуацијата во тој дел од европскиот континент. За Македонија, тие потенцираат дека следните чекори зависат од способноста на земјава да ги донесе потребните уставни измени.

Минатата недела еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, најави дека Европската Унија подготвува нов пакет за проширување, кој сега вклучува 10 земји кандидати со европска перспектива. Еврокомесарот истакна дека е важно до 2030 година ЕУ да се подготви за прием на нови членки, но и државите кандидати да бидат подготвени за зачленување до тој датум. Главен критериум, дециден е Вархеји, за приемот на нови членки ќе биде исполнувањето на критериумите за членство, а планот за раст на Западен Балкан ќе се потпира на четири столба.

Претходно, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Сплит порача дека е клучно да им се објасни на европските граѓани дека проширувањето на Европската Унија е во нејзин интерес, особено имајќи го предвид поопасното и понепредвидливо геополитичко опкружување. Фон дер Лајен изјави и дека на ЕУ ѝ е потребна визија за успешно спроведување на проширувањето, кое е геополитичка неопходност. Австрија, пак, преку „нон-пејпр“, сака да промовира побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, откако претходно Париз и Берлин дадоа предлог за укинување на ветото, преку француско-германскиот извештај, во кој се дефинираат најдобрите начини за реформирање на Европската Унија за да се подготви за идните членство и проширување. (В.С.Н.)